Разговор со акушер Марјан Шилев: Поради ковид-19 се бореа за здив по породувањето, а сега се здрави мајки

Лекарите и целиот медицински персонал се борат во првите редови против коронавирусот и поради тоа, самите се посебно загрозени. Породувањето на заразена мајка од коронавирус се изведува на исклучително внимателен начин за новороденото да не се доведе во опасност и при раѓањето да не биде инфицирано, вели за „Слободен печат“ Марјан Шилев, кој работи како акушер на ГАК.

Марјан Шилев, акушер на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, од први април е ангажиран во Ковид-центарот на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. Центарот беше формиран на почетокот на март, за првата пациентка да ја прими веќе за неполни две недели од своето формирање. Акушерот Шилев вели дека почетоците се секогаш тешки, особено кога се среќаваш со сосема нов, непознат непријател, кој е толку моќен.

Овој непријател познат како коронавирус (SARS-CoV-2), како што вели тој, непријатно ги изненади медицинските работници како ширум светот, така и кај нас.

Кога бил формиран Ковид-центарот на ГАК, Клиниката имала направен план за неделни ротации со цел да се одмори и да се заштити персоналот, но понатаму се увидело, од страна на вработените, дека тој Ковид-центар е многу поспецифичен за разлика од останатите центри во другите болници, па на доброволна основа со колегите и управата одлучиле дека најполезно би било да се формираат специјално обучени тимови, кои континуирано ќе работат во центарот, во интерес на максимална заштита на бремените жени што се хоспитализирани.

Марјан Шилев

Сето тоа со цел да се избегнат дури и минималните грешки, а со тоа да бидe заштитенo максимално и нивното бебе по самото породување, вели акушерот Шилев. Тој спомнувајќи ги своите колеги Сара, Енеса, Тони, Валентина, Вале, Ивана, Евица, Елеонора, Вања, како и болничарките кои исто така се значајна алка во системот и се грижат за максималната заштита, вели дека биле и се дел од оваа малку неубава приказна, бидејќи со пандемијата и сè што носи таа никој не може да се справи сам.

Велам малку неубава приказна, бидејќи, за жал, секоја приказна не завршува со среќен крај. Но од грешките сите учиме, притоа мислам на грешките на нас луѓето кои се доведовме во ваква ситуација, и покрај сите апели и насоки за заштита. Некои од нас се заразиле или ќе се заразат, бидејќи не веруваат во сето тоа, па макар и согледувајќи ја својата тешка здравствена состојба и позитивен тест, мислат дека ова е голема лага, додека некои се заразиле сосема случајно и не по своја вина, но не сме тука да судиме, туку да извлечеме една голема поука за сите нас. Најчесто поуката се извлекува кога маката ќе се почувствува на своја кожа – категоричен е Шилев.

Шилев додава дека тој, односно здравствените работници поуката ја извлекле со тоа што на своите работни места во овие Ковид-центри работат по 8, 12, а понекогаш и по 24 часа во тешки услови за работа со маски, капи, скафандери што тежат 3-4 килограми плус, а истовремено не им дозволуваат да се движат, да дишат, да гледаат, да слушаат, дури ги оневозможуваат да јадат, да пијат, да одат во тоалет…

Но, кога се работи за човечки живот, односно во случајот на нашите пациентки, за два живота (трудницата и плодот, мајката и бебето), се заборава на сè, бидејки еден процес на породување не трае кратко како на филмовите, тоа е малку поинаков процес, особено во вакви услови. На некои трудници состојбата им се влошува по породувањето, а на некои им се подобрува, па затоа не може да се предвиди самиот тек, породувањето може да помине најдобро, а веднаш по самото породување да се искомплицира состојбата, па затоа мора да постои континуиран мониторинг – вели Шилев.

Тој истакнува и дека не може да се заборават моментите кога имаше голем дел заразени медицински работници вработени во кумановската болница и таа речиси и не функционираше, што укажува дека и здравствените работници не се имуни, а вирусот не е лага и измама како што мислат одредени луге. Тоа бил дополнителен притисок за нив, бидејќи покрај тоа што ги згрижувале сите бремени/акушерски, но и гинеколошки случаи заболени од ковид-19 од целата држава, морале да ги прифатат и пациентките од болницата од Куманово, но и пациентките од кризните подрачја како Дебар, Струга, Лабуништа, Сарај, Чаир итн. А, тоа значело наместо по едно, две или три породувања на ден на позитивна или заболена пациентка, да се случуваат и по 8-10 породувања на ден во простор кој не е ниту предвиден за толкав наплив, нешто што сега се случува на Инфективната клиника. Притоа, сето тоа мора да се изведе на начин да се внимава новороденото да не се доведе во опасност и при породување да не биде инфицирано.

Но, тоа не е сè. Постпородилниот период кај овие пациентки е мошне специфичен заради компликации од самиот вирус, кој има моќ да наштетува на повеќе органи и системи, а не само на респираторниот. Никој од нас не може, а да не зборува со емоции и да заборави на оние родилки, кои, за жал, ја изгубија битката со ковид-19, едната од нив на самото породување заради нејзината исклучително тешка состојба во која беше донесена, а другата неколку дена по породувањето, на Инфективната клиника, заради исклучително брзото влошување на состојбата со дишењето – раскажува акушерот Шилев.

Воедно, тој им се заблагодарува за исклучителната соработка на д-р Илир Демири, кој е главен координатор на интензивниот оддел при Инфективната клиника и на останатите инфектолози, за постојаната достапност и насоките за третман.

Настануваат компликации при породувањето и во постпородилниот период

– Покрај тоа што на ГАК се грижиме да не се влоши состојбата на пациентките со ковид-19 во однос на респираторната симптоматологија, мора да внимаваме да не се влоши состојбата и со другите органски системи, коишто се засегнати од самата бременост, а нивната функција може дополнително да се наруши од присуството на коронавирусот. Овде мислам на крвавења, тромбози (коагулопатии-факторите за згрутчување на крвта), нарушувања на функцијата на бубрезите, оштетувања на ткивата на меките родилни патишта, кои се еден од најзасегнатите делови за кои мора посебно да водиме грижа, па затоа најсоодветно е, доколку дозволува општата состојба на пациентката, бременоста да заврши со спонтано породување, а ако тоа е невозможно, се оди на поризичната варијанта – царскиот рез, за пациентки позитивни на ковид-19. Кога зборуваме за ковид-19, зборуваме за болест што може да биде со лесни, средни, тешки симптоми и со последици. Мора да се потенцира дека покрај болните од ковид-19, станува збор и за оние кај кои е присутен коронавирус, но ги сметаме за асимптоматски во однос на респираторната симптоматологија. Ова постојано го потенцираме бидејќи вирусот не е безопасен и кај овие групи на пациентки, од она што ни покажа искуството, компликациите на другите органи што ги набројавме, сепак, се појавуваат за време на породувањето и во постпородилниот период. Може да се напомене дека дури и еден месец по прележан ковид-19 или асимптоматска инфекција, кај овие пациентки сме ги забележале промените на меките ткива и на родилните патишта, кои се многу значајни за време на самото породување и во постпородилниот период – објаснува Шилев.

Тој истакнува дека мора секогаш да се следи телесната температура, респирациите, пулсот, притисокот на пациентката, заситеноста на крвта со кислород, попозната како сатурација, која многу често може да се влоши по самото породување на одредна мала количина на загуба на крвта. Меѓутоа, проценката во моментот е многу важна, бидејќи секогаш истоштетеноста на пациентката не е резултат на самата корона-инфекција, туку можеби тоа се должи на физиолошките промени од самото породување, што е нормална појава.

Ги едуцираме ковид-позитивните мајки како да не си го заразат новороденото

Иако се труди да не ја прикажува приказната со полошата страна, овој пат се одлучил на тоа, бидејки сè уште голем дел од луѓето не веруваат во сето ова, и повторува, никако не сакаат да извлечат поука, а вината ја префлуваат на некој друг.

Дека сепак, не е сè така црно кажува фактот дека пред извесен период добив неофицијална информација дека голем дел од пациентките што беа згрижени во нашиот центар, по исписот останале во добра состојба, следејќи ги нашите упатства за заштита и дека само неколку од нив, односно 3-4 од речиси 300 породени го заразиле своето новородено, што е исклучително мал процент и ми претставува голема сатисфакција, бидејќи нашиот тим успеа да ги едуцира како понатаму да се грижат и за своето и за здравјето на новороденото. Исто така, многу сум радосен поради тоа што една од потешките пациентки што се бореше за секој здив по породувањето, гледајќи нè со солзи во очите кои ти го кинат срцето, која ја префрливме на Инфективната клиника по нашата брза и квалитетна реакција, е веќе многу подобра – истакнува Шилев.

Примери има многу, вели тој, со среќен, и за жал, со несреќен крај, па затоа апелира дека најбитно од сè е луѓето да бидат одговорни и доста претпазливи за да не се доведат во ситуација да станат нивни пациенти.

Носете маска, држете растојание, мијте ги рацете и слушајте ги советите на здравствените работници, порачува акушерот Шилев.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот