Разговор со актерката Несрин Таир: Сите си имаме „вишнова градина“ за која се бориме

Актерката Несрин Таир од 2019 година е директорка на НУ Турски театар и одлично ѝ оди работата на двете полиња, бидејќи успева да ги заврши директорските обврски, но и да се појави со улога на театарската сцена.

Убав прием кај публиката има претставата „Вишновата градина“ од Чехов во режија на Владимир Милчин во Турскиот театар. Иако во последниве години театарот работи во специфични просторни услови и ја дели сцената во објектот „Театар Центар“ со Театар Комедија, сепак, со квалитетни претстави успева да ја одржи и надгради седумдецениската традиција. За активностите на театарот разговаравме со актерката и актуелна директорка Несрин Таир.

Со каква цел одлучивте на сцената на Турски театар да биде поставено дело од класичниот репертоар на светската драма?

– Да се има „Вишновата градина“ од Чехов на репертоарот, само по себе кажува дека театарот има ансамбл со кој може да се пофали. Турскиот театар има плејада актери чиј актерски потенцијал е истакнат во оваа класика со голема подела на улоги. Фактот дека претставата ја режираше проф. В. Милчин, а по многу години ги имаме великаните на нашиот театар Бедија Беговска и Елјеса Касо, кажува дека во основата на нашата цел е да се спојат потенцијалите на нашите претходници со нас (средната) и со најмладата актерска генерација. Меѓу горенаведеното, секако, е и темата со која Чехов се занимава, безвременска е и ни е многу блиска. Во денешно време сите си имаме „вишнова градина“ за која се бориме.

Да се има „Вишновата градина“ од Чехов на репертоарот, само по себе кажува дека театарот има ансамбл со кој може да се пофали, истакна актерката Несрин Таир

Со вклучувањето на три генерации актери во претставата на кој начин се премостуваат генерациските разлики во рамките на еден театарски ансамбл?

– Во овој процес, генерациските разлики работеа за претставата. Секој со својот сензибилитет се споивме во ситуациите кои ги бара сцената или појавата, сите од сите учевме. Нема поубаво од тоа да се соединиме во градењето на ликовите за да се направи претстава. Што значи не само што ги премостивме генерациските разлики, од таа разлика во генерации изградивме нов мост, начин на функционирање на еден ансамбл на сцена што ќе трае.

Во „Вишновата градина“ играат три генерации актери во Турскиот театар

Имајќи ги предвид најзрелата (Бедија Беговска, Елјеса Касо) и средната генерација (Селпин Керим, Сузан Акбелге, Несрин Таир, Осман Али, Џенап Самет, Неат Али) на ансамблот, во моментов Турски театар има најстабилна и најкомпактна актерска екипа. Колку нивниот актерски потенцијал реално е искористен?

– Драго ми е што е видливо дека Турскиот театар има најкомпактна и најстабилна актерска екипа. Кога станав раководител на театарот во 2019-та година вработив десет млади актери и им се јавив на актерите што долго не се појавиле на нашата сцена. Тоа го направив со една единствена цел, како репертоарски театар сакав да работиме различни жанрови со различни подели, со што ќе има можност реално да се истакне актерскиот потенцијал на моите колеги. Низ мешовити подели во претставите, младите и нововработените полека, но сигурно, се продлабочуваат во театарскиот занает, се стекнуваат со богато искуство и со тоа ќе бидат подготвени да станат носители на репертоарот на НУ Турски театар.

Драго ми е што е видливо дека Турскиот театар има најкомпактна и најстабилна актерска екипа

Самата сте дел од претставите што се поставени на сцената. На кој начин ги менаџирате актерските и директорските обврски?

– Јас во актерските работи уживам, на сцената сум своја на своето. Во последните три години, откако сум на раководно место во театарот, играв само во две претстави. Напорно беше физички да се стигне секаде, но за време на пробите наоѓав мотив кој ме тераше до крајот на денот да ги завршам и директорските обврски. За да се оствари мојата визија за нашиот театар, во 2019 ги реализиравме 15-те неопходни вработувања (10 актери, двајца административни работници, суфлер, шминкер и кројач). Се реализираа и десет премиери, за кои беше неопходно да се координираме и колективно да ги решаваме административните и техничките обврски за да се случат претставите.

Актерката Бедија Беговска годинава е добитничка на највисокото државно признание за животно дело од областа на уметноста „11 Октомври“. Колку нејзиниот личен успех е признание и за Турскиот театар во целост?

– Секако дека ни е од огромно значење тоа што Б. Беговска е добитник на „11 Октомври“. Годинава Бедија го удостои нашиот театар со учество во две претстави, ја играше Флорен Фостер Џенкинс во „Славната Флоренс“ и Љубов Андреевна во „Вишновата градина“. Впрочем, личните успеси на секој актер од ансамблот е признание и за целиот театар.

Актерката Бедија Беговска годинава ги играше ликовите Флорен Фостер Џенкинс во „Славната Флоренс“ и Љубов Андреевна во „Вишновата градина“ / Сцена од претставата „Славната Флоренс“

Покрај претставите од класичниот репертоар, внимание посветувате и на детската сцена. Најнов таков пример е претставата „Рапунзел“, поставена пред десетина дена, во која игра помладата актерска генерација. Колку е важно младата публика од мали нозе да влезе во театар?

– Турскиот театар отсекогаш посветувал внимание на детските претстави. За децата повеќе од важно е да имаат можност да растат и се развиваат со театарски претстави. Во претставата „Рапунзел“ играат само младите нововработени и двајца, за жал, сѐ уште невработени актери, но секако се дел од нашите претстави каде што имавме можност да ги ангажираме.

Проблем со кој се соочувате неколку години е просторот за работа. Три театри беа притиснати да работат на една сцена. Имате ли увид до каде се работите со новиот објект на Турски театар и во перспектива уште колку години ќе треба да се чека на неговата финализација?

– Да, бевме три, сега сме два театри (Турски театар и Театар Комедија, н.з.). Како репертоарски театри свесни сме дека мора да бидеме флексибилни едни кон други за да имаме можност да си ги реализираме проектите одобрени од Министерството за култура, а воедно и репертоарите да ги одржуваме витални. Во моментов завршени се подготовките за оформување на градилиште за почеток на изградба на фасада и кров на новиот објект. Рок за финализација на оваа фаза е почетокот на 2023 г. Дури трае градбата на оваа фаза се разгледуваат капацитетите околу фазата за внатрешно уредување.

Какви се плановите до крајот на оваа година и во кој правец би се движела програмата на театарот за следната година?

– До крајот на оваа година ни остана реализацијата на претставата „Кројач за дами“ од Фејдо во режија на Синиша Евтимов. Веќе сме во подготовки и се надеваме на премиера околу 15-ти декември. За наредната година, како и досега, понудивме разновидна програма. Доколку Министерството за култура ни ја одобри нацрт-програмата за 2022, ансамблот на НУ Турски театар ќе има можност да работи со режисери со кои досега не сме работеле.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 104, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот