Разголени и разгаќени

Камерон, кој пред да стане пратеник и премиер беше пи-ар експерт, не успеа да го протне бизнисот со сега веќе пропаднатата финансиска компанија „Гринсил“ за која беше ангажиран како лобист.

Ако некој ви прати 62 текст пораки на мобилниот и 45 мејлови на компјутерот, и уште толку „Вотсап“ пораки како би го сфатиле тоа? Има неколку варијанти. Да ја тргнеме на страна онаа дека тој некој не е  патолошки заљубен или заболен, дека не е со сопствена или партиска задача задолжен за вознемирување или за следење или за претрупување на поштенското сандаче со електронски пораки. Па останува да  кажеме дека на тој некој му се брза  или да претпоставиме дека има итна потреба и животот му зависи од вашиот одговор и реакција. Педантните новинари (ах, тие новинари) со помош на законот за пристап до информации преброија дека толку пати поранешниот премиер Дејвид Камерон го контактирал канцеларот Риши Сунак (министерот со парите), Народната Банка на Англија и уште неколкумина министри и високи претставници во владата на Борис Џонсон, за да интервенира за својот бизнис – лобирање , за пари, за сега веќе пропаднатата компанија на австралискиот милјардер Лекс Гринсил. Кој можеби сега е само милионер, ама велат, ќе се поткрене тој, способен бил.

Прво, пораките беа потпишувано со: „Те сака, Дејвид“. Па потоа со „Твојот Дејвид“, па „ајде да се сретнеме и да се чукнеме со лакт или со нога, Дејвид“ и кога се виде дека нема ништо од бизнисот, „со добри желби, Д.К.“ Не знам кому му беше понезгодно да ги чита пораките, оние кои ги одбиваа, оние кои му беа поранешни колеги или оние за кои на времето велеше дека се „запенавени лажговци“, а од кои сега бараше услуга…

Камерон, кој пред да стане пратеник и премиер беше пи-ар експерт, не успеа да го протне бизнисот со сега веќе пропаднатата финансиска компанија  „Гринсил“ за која беше ангажиран како лобист.  И сега се води истрага и за пропаѓањето на компанијата и за евентуалните криминални активности. И за тоа каква е одговорноста на Камерон во оваа афера, која, некои дури ја споредуваат со пирамидална шема. Поранешниот премиер се обидуваше да ја вовлече владата да и дозволи на „Гринсил“ на  издава  позајмици – поддржани од владата. Лекс Гринсил разви шема со која ветуваше дека малите компании би биле побрзо плаќани од владините институции. Со пари на владата кои би поминале низ неговата банка. Генијално за правење пари. Но, изгледа дека  некој во Вајтхол се сети дека ако нешто е премногу добро да биде во ред, тогаш најверојатно не е во ред. И така, во тек е истрага, се бара решение за 3.000 вработени чија што судбина е неизвесна, а би било фино премиерот да фаќа белешки.

Во тек е и друга истрага, впрочем неколку, за тоа кој првично платил за реновирањето на домот на Борис Џонсон (а ништо не му фалеше, рече поранешната станарка Тереза Меј, сè беше ново и убаво), кој платил и за неговиот одмор на Малдивите ( БоЏо познат циција и ако мора да троши, би трошел прво туѓи, донаторски пари) и потоа, како дозволил толку многу договори и тендери да завршат во рацете на конзервативни пратеници или пријатели на конзервативни пратеници. Kако да стана традиција, ако не се внимателни, поранешните премиери често да завршуваат со по некоја истрага против нив. Сега премиерот е во одлична позиција и програмата за вакцинирање со која речиси две третини од  Британците добија по една, а третина од населението по две дози, а бројот на заразени е речиси незначителен… му донесе уште постабилна власт. Ниту ретките успеси на лабуристите во Лондон и Манчестер, кои убедливо ги избраа повторно  градоначалниците Садик Кан и Анди Барнам, не му го поматија расположението, ниту успеаја да го поместат големиот успех на ториевците. Британија е речиси сина. Е сега, тоа што Шкотска по  парламентарните избори остана во рацете на Никола Стрџен и таа најавува нов референдум за независност и планира да тужи ако Џонсон и натаму одбива да им даде на Шкотланѓаните право на самоопределување, засега е само уште една мува во славеничкиот пијалак на БоЏо. Но, што би рекол светски познатиот инвеститор и финансиер,  Ворен Бафет, „Кога еднаш ќе се повлече водата и ќе дојде осека, ќе се види кој тоа пливал гол“. Па ете сега, кога ковид попушти,  го гледаме  Камерон,  што би рекол колегата Том Пек од „Индипендент“, со панталоните спуштени до половина. За идната година се најавува  голема истрага во врска со водењето со пандемијата со ковид-19, минус вакцинирањето. Плус Шкотланѓаните. И брегзитот. И невработеноста. И зголемувањето на даноците, зашто некој ќе треба да ја плати широката рака на канцеларот со селективна помош за бизнисите. Ќе биде доста интересно кога политиката  ќе се нормализира, кога  животот ќе се врати во пред-ковид фазата и кога ќе дојде нова осека. Ќе има и разголени и разгаќени и по некој нудист.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот