
Разгаленост или претерана приврзаност: Зошто кучињата ги следат сопствениците?
Неописливо е чувството кај сопствениците на кучиња да знаат дека покрај себе имаат верен пријател кој безусловно ги сака и бескрајно се радува на секоја можност да помине време со нив. Кучињата се животни кои не знаат за страв кога треба да го заштитат човекот што го сакаат.
Препорачано
Но, дали е оправдано тоа што кучето го следи секој чекор на сопственикот, го сопнува, му скока во скут додека седиме и работиме, цвили и лае кога нема внимание… или сето тоа е резултат на разгаленост и претерана приврзаност?
Кучето може да биде претерано приврзано за сопственикот, што е една од причините зошто не го пушта од вид, но постојат неколку причини за ваквото однесување на миленикот.
• Кучето знае дека ќе добие нешто – ако кучето ве следи до кујната, веројатно тоа го прави со надеж дека нешто ќе ви падне додека готвите, за да може и тоа да се „почести“. Исто така, кучето може да ги следи само одредени членови на семејството на одредени места, научувајќи кој е понесмасен, па од него може да очекува некој залак во кујната, или знае кој секогаш ќе го погали ако го следи до дневната соба.
• Кучето сака да ви каже нешто – ако миленикот постојано ве следи низ куќата, цвили, ве допира со шепата… а тоа инаку не го прави, веројатно сака да ви укаже на нешто, било да му е празна чинијата за вода или храна, сака да излезе надвор за нужда, или нешто друго.
• Кучето сака внимание – миленикот, особено ако е единствениот во домот, често го оставаме сам, па сосема нормално е да копнее за внимание, интеракција и игра. Ако живеете сами со кучето, треба да ви биде јасно дека вие сте единствената личност што ја гледа во текот на денот (не сметајќи ги другите луѓе и животни што ги гледа кратко за време на прошетките), па како сопственик мора да го приспособите своето внимание на тоа.
• Зближување со кучето – кучето може да ве следи за да создаде поблизок однос со вас.
• Љубопитност на кучето – особено додека е кутре, кучето се интересира за сè, па така и за тоа каде одите и зошто. Му се интересни вашите стапала врз кои сака да скока и да ги грицка, сè во форма на игра.
• Страв на кучето – често, ако кучето се плаши од огномет, силни звуци од соседниот стан или било каква бука или појава, големи се шансите дека ќе ве следи за да не биде само.