Растот на заболени ги растегна капацитетите: Нови кревети за прием на ковид-пациенти во болницата во Струмица

Градска болница во Струмица / Фото: Архива

Од вчера се примаат ковид-пациенти во поранешните хирурушки амбуланти на Струмичката болница што се преадаптирани, откако се пополнија капацитетите на Инфективното одделение, информира директорот на таа јавна здравствена установа, д-р Наќе Гогов.

Според него, Инфективното одделение е веќе полно и таму се лекуваат 15 пациенти со полесна клиничка слика, додека тие со потешка се пренесуваат во Скопје.

– На Инфективното одделение има вкупно 25 кревети, но поради протоколите таму можат да се сместат само 15 пациенти, колку што има во моментот. Во новиот оддел се примени пет пациенти со полесна клиничка слика, а на располагање имаме вкупно 12 кревети, вели директорот Гогов.

Досегашните хируршки амбуланти се префрлени во новиот болнички блок, а доколку бројката на заболени почне енормно да расте, тогаш раководството на болницата планира да се адаптираат простории, исто така во новата болница.

Повеќе денови, Струмица бележеше двоцифрен број на нови случаи на заразени од ковид-19, а во последните два дена по пет. Од почетокот на пандемијата на територијата на Центарот за јавно здравје има регистрирани 303 лица заразени со коронавирус од кои активни се 169.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот