Расте бројот на жртви по крвавиот напад во Пакистан, бомбата убила најмалку 59 луѓе во џамијата

Бројот на загинати во денешниот бомбашки напад врз џамија во полициски комплекс во пакистанскиот град Пешавар се искачи на 59, но многу од над 150-те ранети се во критична состојба и трагичниот биланс може да расте, соопштија надлежните.
Нападот, еден од најсмртоносните против пакистанските безбедносни сили последниве години, го изврши бомбаш-самоубиец, при што од детонацијата на експлозивот се урнал покривот на џамијата врз верниците, од кои повеќето биле полицајци.
Во момент на нападот во џамијата имало околу 300 верници. Полициски службеник појасни дека бомбашот се разнел додека бил меѓу верниците. Не е јасно како бомбашот успеал да влезе во комплексот ограден со ѕидови во кој се наоѓа седиштето на полицијата – сето тоа во зона со висока безбедност, која вклучува и други објекти на централната власт.
Сарбакаф Мохманд, еден од командантите на пакистанските талибанци, ја презеде одговорноста за нападот преку објава на Твитер, но главниот портпарол на вооружената група се уште не се произнел по однос инцидентот.