Расте бројот на заразени во градинките, надлежните будно ја следат состојбата

фото Архива

Од моментот на отворање на градинките на 9 септември, досега има вкупно 18 деца и 55 вработени позитивни на коронавирусот. Во моментот, во изолација се вкупно 309 дечиња и околу 50-тина вработени.

Бројот на заболени деца и вработени во градинките во последните две недели се зголемува, но генерално нивната здравствена состојба е добра. Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, трендот е ист како и епидемиолошката состојба во земјава. Во периодот од 6 до 19 октомври регистрирани се шест дечиња и 21 вработен позитивени на вирусот.

-Здравствената состојба на сите што досега беа позитивни дечиња и вработени е добра. Немаме хоспитализација, освен оние две што претходно се завршени. На голем дел периодов им заврши изолацијата така што генерално здравствената состојба на децата и вработените во градинките е добра, изјави Шахпаска.

Вели состојбата се следи и ќе се носат одлуки во консултација и соработка со здравствените и локалните власти.

– Будно се следи состојбата. Ќе носиме одлуки заедно со локалните самоуправи затоа што не секаде епидемиолошката состојба е иста. Најважен капитал е здравјето на граѓаните и на најмладите, рече Шахпаска, одговарајќи дали се размислува за затворање на градинките. 

Во меѓувреме, коронавирусот ја затвори најмалата градинка со 20 деца во Прилеп, а уште 15 деца се во изолација од друга градинка. Градинката кај Работничкиот универзитет е затворена и 20-те деца се пратени во изолација зашто позитивни на коронавирусот се две негувателки. Во изолација од оваа градинка се и осумте члена на персоналот. Градинката е дезинфицирана и треба да проработи по дваесетина дена.

Детските градинки почнаа со работа на 9 септември под строги здравствени протоколи. Според протоколите, групите од 2 до 6 години имаат најмногу 15 деца, а за оние до 2 години најмногу 12 деца. На децата и на вработените при влез во градинката им се мери температура, а вработените задолжително носат маски. Внатре во градинките престојот на децата се организира на начин да се избегне меѓусебен контакт на различни групи на деца во согласност со можностите и на секои два часа да се прави дезинфекција на прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот