Расте бројот на новозаразени од ковид-19

Фото: EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Бројките во дневната статистика за ковид-19 ќе започнат рапидно да растат во следните недели како резултат на доаѓањето на Омикрон-БА 4 и 5 и тоа е лошата вест. Добрата вест е што сепак болниците ќе ни останат полупразни, напиша вчера на својот фејсбук-профил докторот од Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски.

Вчера Министерството за здравство на Македонија информира дека во последните 24 часа има 168 нови случаи од 1.101 тестирани, што е висока стапка од над 15 отсто од тестираните. Од нив 28 се реинфекции, соопштија здравствените власти.

Последните бројки, од 10 јуни наваму покажуваат тенденција на пораст на бројот на заразени од коронавирусот, што укажува дека сме пред нов бран на ковид-19.

Иста е состојбата и во земјите од регионот. Во Албанија пред два дена потврдени се 550 нови случаи со ковид-19 што беше двојно повисока бројка од оние во изминатите денови и е највисока бројка во последните три месеца. Тамошното Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, да се повнимателни, посебно во периодот кој следува кога се зголемуваат контактите поради движењето во летната сезона.

Во Србија вчера се регистрирани 468 заразени со коронавирус, а едно лице починало како последица на заразата. Сегашната епидемиолошка состојба бара да се донесат барем минимум мерки, како задолжително носење маски во затворени простории, јавниот превоз и особено во здравствените установи, што сега само делумно се почитува.

Во Брисел донесена е одлука ЕУ да ја продолжи употребата на сертификатот за ковид-19.

ЕУ ја продолжи употребата на сертификатот за ковид-19 до јуни 2023 година

 

Видео на денот