Расте бројот на мртви во една од најсмртоносните железнички несреќи во историјата на Индија

Архива СП / Фото EPA-EFE/PIYAL ADHIKARY REISSUED WITH ALTERNATE CROP

Најмалку 288 луѓе загинаа, а уште 850 се повредени во судир на воз во индиската држава Одиша, изјави за „АФП” официјален претставник на Одиша, во она што „Ројтерс” го наведува како најсмртоносната железничка несреќа во Индија во повеќе од две децении.

Судханшу Саранги, началник на противпожарната служба во Одиша, рече дека опоравувањето на жртвите се уште е во тек и дека има многу посериозни повреди, пренесува Ројтерс. Главниот секретар на Одиша Прадип Јена објави на Твитер дека повеќе од 200 амбулантни возила се повикани на местото на несреќата во областа Баласоре во Одиша и дека се мобилизирани дополнителни 100 лекари, покрај 80-те што веќе се таму.

„Спиев. Ме разбуди бучавата на возот кој излета од шините. Одеднаш видов 10-15 мртви. Успеав да излезам од вагонот, а потоа видов многу распарчени тела”, рекол неидентификуваниот маж кој преживеал.

Видео снимката покажува како спасувачите се качуваат на страната на еден од оштетените возови за да најдат преживеани, додека патниците врескале за помош и плачеле. Судирот се случил вчера околу 19 часот по локално време (15:30 по средноевропско време).

Возот Хорах Суперфаст, кој сообраќал од Бангалор до Хорах во Западен Бенгал, излетал од шините и се судрил со Коромандел експрес, кој сообраќал од Калкута до Ченаи.

Властите дадоа спротивставени тврдења за тоа кој воз прв излетал од шините.

Министерството за железници соопшти дека покренало истрага за инцидентот. Иако Јена соопшти дека во сударот учествувал и товарен воз, за ​​што пренесоа и некои медиуми, од Индиските железници се уште не ја споменале оваа можност.

Според индиската железница, нивната мрежа овозможува превоз на повеќе од 13 милиони луѓе секој ден, а Ројтерс истакнува дека инфраструктурата е застарена. Индија денеска прогласи Ден на жалост поради несреќата.

Најсмртоносната железничка несреќа во Индија се случи во 1981 година кога воз падна од мост во река во државата Бихар, при што загинаа околу 800 луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот