Растат каматите на кредитите, особено удрија по фирмите

За една година каматните стапки на новоодобрените кредити во корпоративниот сектор се зголемиле од 3,22 проценти на 5,02 проценти. Кај домаќинствата растот е од 4,34 на 4,38 проценти.
Каматните стапки кај банките растат. Тоа е очекувано со оглед на растот на основната каматна стапка од страна на Народната банка, која, пак, го диктира растот на каматите и на депозитите. Според пресметките на Народна банка, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во декември 2022 година изнесувала 4,83 проценти, додека во декември 2021 просекот бил 3,61 проценти. Растот е поизразит кај компаниите. Кај нив, за една година каматните стапки на новоодобрените кредити се зголемиле од 3,22 проценти на 5,02 проценти. Кај домаќинствата растот е од 4,34 на 4,38 проценти.
Но, од 1 јануари банкарите веќе известуваат за нови нагорни промени на каматите. Незадоволни се и граѓаните и стопанствениците.
Колку за илустрација, според последното известување што го пушта НЛБ банка, од 1 јануари се зголемени каматите на дел од кредитните продукти и тоа дури за 2,75 процентни поени. Станува збор за каматната стапка за кредитни картички, дозволено пречекорување на трансакциска сметка и инстант кредити. Конкретно, каматата од кредитна виза картичка од 10 проценти колку што беше минатата година, се зголеми на 12,75 проценти. Пресметките на кредитниот калкулатор поставен на оваа банка покажува дека ако денес земете инстант кредит од 120.000 денари, за три години ќе вратите 137.880 денари.
Стопанствениците се жалат дека кога им требаат најмногу пари, и тоа не само за инвестиции туку и за ликвидност, со оглед на актуелната економска состојба, има раст на каматите во банките.
За претседателот на Бизнис-конфедерацијата Миле Бошков, корекциите на каматите доаѓаат како непланиран трошок за инвеститорите.
– Компаниите го чувствуваат растот на каматите. Особено тој раст се одразува кај големите инвестиции, кај компании што земале големи кредити, па сега зголемените камати им доаѓаат како непредвиден трошок – вели Бошков.
Претседателот на Трговската комора при ССК Сашо Дуковски вели дека во втората половина од годинава очекуваат олабавување на монетарната политика.
– Народната банка е сосема независна институција, но нашите очекувања се дека барем во втората половина од наредната година, ќе има олабавување на монетарната политика. Ние минатата година во согласност со глобалниот тренд имавме зголемување на основната камата, но со смирувањето на цените се постигнува целта на рестриктивната монетарна политика и веќе сериозно треба да се размислува за нејзино олабавување, односно за намалување на каматите – изјави Дукоски во разговор за „Слободен печат“.
Академикот Абдулменаф Беџети вели дека едно е перцепцијата на граѓаните и компаниите во однос на растот на каматите, но друго е мандатната должност на Народната банка.
– Прерано е да се релаксира монетарната политика. Тоа не зависи ниту од состојбата на фирмите, ниту на граѓаните, туку од макроекономските показатели. Инфлацијата е сè уште висока. Прв приоритет на политиките на Народната банка е стабилноста на цените, заедно со стабилноста на денарот. Во Народната банка има одлични експерти и врз научни анализи се носат политиките – објасни за „Слободен печат“ академик Беџети.
Тој вели дека банките се тие што прават преголеми профити, па „реалниот сектор место да притиска кај Народната банка, притисокот треба да го насочи кон деловните банки“.
– Минатата година деловните банки ја завршија со рекордни профити. Сигурно не ги направија од заштеди. Нето-каматната маргина се приближи до 4 процентни поени. Има огромна разлика меѓу каматите на кредитите и на депозитите – заклучува Беџети.