Расправата за ребалансот на Буџетот ќе продолжи по едночасовната пауза

По редовната едночасовна пауза во Собранието ќе продолжи расправата по ребалансот на Буџетот.

Пратениците четврти ден расправаат за вториот ребаланс на Буџетот во кој се планирани средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки за поддршка на граѓаните и стопанството за излез од кризата предизвикана од Ковид-19.

И денеска продолжија меѓусебните обвинувања меѓу власта и опозицијата за неопходноста на ребалансот, кој е втор годинава, и за тоа колку новиот пакет мерки ќе ги даде очекуваните резултати. Опозицијата обвини дека власта не менаџира добро со здравствената криза и оти пакетот мерки нема да ги даде очекуваните резултати, додека пратениците од владеачкото мнозинство сметаат дека донесувањето на ребалансот е неопходно за да може што поскоро да им се помогне на граѓаните и на стопанството.

Пред да биде ставен на дневен ред на пленарна седница, ребалансот ја помина расправата на матичната Комисија за финансирање и буџет.

Со ребалансот се обезбедуваат средства за четвртиот пакет мерки со кои се очекува да се спасат 83.000 работни места преку поддршка за исплата на плати за октомври, ноември и декември во износ од 14.500 до 21.776 денари месечно. Покрај тоа, предвидено е околу 283.000 граѓани да добијат платежни картички од по 6.000 денари за зајакнување на куповната моќ и приватната потрошувачка, а за компаниите погодени од кризата наменети се десетици мерки како грантови, бескаматни кредити, државна и царинска гаранција и даночни олеснувања.

Во новиот ребаланс вупните приходи се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари,  расходите на 252,8 милијарди денари или за 5,5 отсто повеќе во споредба со иницијалниот Буџет за 2020 година, а дефицитот е позициониран на 56,5 милијарди денари, односно 8,5 отсто од БДП. Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,1 милијарди денари или за 0,5 милијарди денари се пониски во однос на планот за 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот