Распитот кај Русковска, ќе ја активира оставката на Јанева

По исказот на Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоки Кичеец кај предистражен судија, кој им одреди 30-дневен притвор, денеска на распит за „Рекет“, кај обвинителката Вилма Русковска во ОЈО, ќе се појави нејзината колешка од СЈО, Катица Јанева. Таа ќе дојде во Обвинителството во својство на сведок, а дали ќе излезе од таму како осомничена, ќе процени јавниот обвинител, во зависност од тоа дали има собрано доволно докази против неа. Дел од медиумите деновиве објавуваа бројни шпекулации околу вмешаноста на Јанева и на други личности од политичкиот врв во случајот „Рекет“. Тие дури отидоа и дотаму што обајвуваа сензационални написи од типот, дека Јанева по распитот веднаш ќе биде однесена во притвор во затворот во Шутка.

Распитот на Јанева во Обвинителството за организиран криминал, како што дознава „Слободен печат“ од свои обвинителски извори, може да ја забрза, односно да ја активира веднаш оставката на специјалната обвинителка. Имено, таа поднесе оставка од својата функција само неколку часа пред да бидат уапсени Боки 13 и Зоки Кичеец со што и беше обелоденета аферата „Рекет“.

„Чест ми беше да ѝ служам на државата и да бидам на чело на исклучително професионален обвинителски тим, истражителски тим и тим на вработени кои безрезервно и посветено ги извршуваат своите работни задачи. Со месеци ги следам медиумските прилози за преговорите меѓу работните групи на политичките партиите за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Еве, денес ја користам приликата да ја информирам јавноста дека јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и Европските интеграции на мојата земја. Ја депонирам мојата оставка која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник“, соопшти Јанева.

Како што дознаваме, зависно од тоа како ќе тече распитот во ОЈО, можно е Јанева да биде ставена на страна, односно таа порано да ја реализира својата оставка, а во СЈО веќе и се спомнуваат дел од имињата кои би ја замениле привремено.

Јанева на денешниот распит треба да ја објасни својата улога во случајот „Рекет“ и зошто контактирала со осомничениот Бојан Јовановски и со бизнисменот Орце Камчев, на кого во снимките му вели дека „сѐ ќе биде ок“. Јанева и во официјална изјава и неофицијално пред колегите тврди дека била злоупотребена и дека не зела никакви пари, а целта со Камчев и била да го обезбеди како сведок за некоја нова предистрага.

Специјалната обвинителка нема имунитет, но освен Собранието кое ја изгласа, нема друг орган над нејзе, а оставката се уште не и е депонирана, туку е условена со носењето на новиот закон за јавно обвинителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот