Распишан меѓународен повик за изградба на Чебрен (ВИДЕО)

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Изградбата според планот треба да чини над 570 милиони евра, а концесијата ќе биде на 60 години.

По принцип на јавно-приватно партнерство, АД ЕСМ објави повик за спроведување на енергетскиот проект Чебрен. Директорот Васко Ковачевски рече дека АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер, а приватниот ќе биде познат до крајот на годината, откако ќе се избере најдобрата понуда на повикот кој завршува на 3 април.

– Чебрен беше и уште е најголемиот енергетски предизвик за земјата. АД ЕСМ како јавен партнер ќе учествува со изградба на пристапниот пат, приклучокот, трафостаницата и со наш удел од хидроцентралата Тиквеш за да функционираат заедно на истото течение. Во втората фаза, за најдобра понуда ќе се избере таа што ќе му даде што поголем удел на АД ЕСМ и со тоа што поголема добивка“, рече Ковачевски.

Изградбата според планот треба да чини над 570 милиони евра, а концесијата ќе биде на 60 години. Хидроелектраната, како што беше речено на прес-конференцијата, ќе има индикативна инсталирана моќност од 333 MW и годишно производство од 1.000 GWh.

Енергетската трансформација со изградбата на Чебрен треба да овозможи намалување на производството на јаглен. Кога ќе почне со работа, тоа ќе значи 913.000 тони помалку јаглерод диоксид испуштен во атмосферата.

– Јавниот повик важи до 3 април. Веднаш е подигната документација од 7 сериозни странски компании. За успехот имаме стабилна основа со членството во НАТО и извесното отпочнување на преговори со ЕУ. Чебрен е најголемиот проект во енергетиката до сега“, додаде Ковачевски.

Досега во последниве 15 години за овој проект имаше 13 јавни тендери, но ниту еден не беше успешен. Сега за прв пат се нуди јавно-приватно партнерство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот