Распадот на Југославија беше најстрашниот цивилизациски пораз

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Смртта на Ѓорѓе Балашевиќ нè потсети на сите добри работи кои ги загубивме со распадот на Југославија. Но, деновиве дознавме дека бившата држава не била дораспадната, односно дека сè уште треба да се распаѓа, иако поминаа децении од крвавите војни кои се водеа на нејзината територија.

Веројатно дека никогаш нема да дознаеме сигурно дали словенечкиот премиер Јанез Јанша навистина испратил нон-пејпер до претседавачот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, во кој се предлага „финалниот распад“ на Југославија, но факт е дека слични нон-пејпери постојано циркулираат и се пуштаат во етерот како „пробни балони“ за опипување пулс во центрите на моќ.

Конкретно за нон-пејперот на Јанша, иако никој не го видел, се тврди дека во него е опишана потребата за поделба на Босна и Херцеговина, но и прекројување на границите на Македонија, Црна Гора и на Косово. Наводно, ова прекројување на границите ќе донесе мир и стабилност на целиот Балкан, било наведено во неформалниот документ што премиерот на Словенија му го испратил на претседавачот на Советот на ЕУ. Доколку добијам некогаш прилика, би го прашал Јанша или некој сличен нему, колку пати Југославија треба да се распадне за да се обезбеди мирот и стабилноста? Би додал и само уште еден историски факт – регионот бил мирен, стабилен и просперитетен само за времето на Југославија.

А и не е битно во крајна линија дали Јанша го испратил нон-пејперот, бидејќи од 90-тите години на минатиот век, постојано се калкулира со формирање национални, односно „чисти“ држави на Балканот, со што би се одбегнале некакви нови меѓунационални судири во иднина. Впрочем, пред само две години се водеа тајни преговори помеѓу Србија и Косово за „корекција на границите“, што повторно беше образложено со некаков нон-пејпер.

Никола Димитров, вицепремиер за европски прашања, за наводниот нон-пејпер на Јанша порача дека ако се започне со дебата за границите, тоа ќе биде цивилизациски пораз. Во право е Димитров, иако според мене најголемиот цивилизациски пораз беше доживеан кога Југославија се распадна. Кога во Словенија, Јанша како министер за одбрана ја почна „фингираната“ војна со генералите на Југословенската народна армија, која се водеше под мотото – тие божем нè напаѓаат, а ние божем се браниме. И тогаш отворено се говореше за нон-пејпер договорот помеѓу првите луѓе на Словенија и Србија, Милан Кучан и Слободан Милошевиќ, за „малата војна“ која Словенците треба да ги „извади“ од СФРЈ.

Не, не мислам дека дека федерацијата требаше да се одржи по секоја цена, но доколку беше невозможно да се спаси заедницата, тогаш распадот требаше да се случи по мирен пат, без војни, колежи и злосторства. Веројатно требаше повеќе и поискрено да се преговара, а и меѓународната заедница требаше да заземе поинаков став со цел да се избегне крвопролевањето.

Истото би требало да се случува и сега. Дијалогот е неопходен и повеќе од потребен за да се избегнат сите горливи проблеми со кои се судираат државите кои се предмет на нон-пејперот. Со должна напомена дека не сме сигурни дали таков документ навистина постои, тоа што беше напишано во писмото што никој не го видел ги исплаши сите добронамерни луѓе од Гевгелија до Сежана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот