5 C
Скопје

Расколот во ДУИ може да ја „проголта“ и владата на Заев!?

Ќе има ли бурна политичка зима среде пандемија од коронавирус или најавите дека пратеникот од ДУИ Изет Меџити ќе поднесе интерпелација против министрите од ДУИ, Артан Груби и Бујар Османи, се само борба за позиција во партијата?

Најголемата албанска партија со години има имиџ на монолитна структура во која лидерот Али Ахмети е алфа и омега, па најавата од градоначалникот на Сарај Блерим Беџети дека Меџити ќе ги отповика првиот вицепремиер и шефот на дипломатијата отпрвин звучат неверојатно, особено што досега не се случило власта да си поднесе интерпелација за свој функционер. Но, од неодамна е јасно дека во ДУИ има големи проблеми и подвоеност поради која во август за момент беше доведено во прашање и самото изгласување на Владата во Собранието и тоа токму заради несогласувањето на Меџити со изборот на Ахмети за министри.

Меџити и Беџети деновиве се недостапни за јавноста и на телефонските броеви им се вклучува секретарка, а пред неколку дена Меџити ниту потврди ниту демантира, само рече дека за се ќе се  произнесе кога ќе поминат првите 100 дена од новата влада. Наместо нив, на темата се произнесе нивниот лидер Ахмети кој им порача дека „членовите на ДУИ не го рушат својот дом“.

Сите во ДУИ виделе добро од ДУИ

Ахмети рече дека не е загрижен од можноста Меџити или други пратеници на ДУИ да поднесат интерпелација за Груби и Османи, затоа што е уверен дека, „ако имало такво нешто“, Меџити ќе разговарал со него, а таква тема не била отворена. Тој вели дека интерпелација поднесува опозицијата, но не би му било чудно ако некој од неговите пратеници ја почне постапката.

– Зошто да не, демократија е – рече тој во интервју за ТВ21 и додаде дека ако евентуално некој од ДУИ поднесе такво нешто за сопартијците, за него повторно ќе има место во партијата.

Но, тој е категоричен дека под тоа мисли дека има демократија внатре во ДУИ, но не поддржува пратениците да и се приклучат на опозицијата при евентуалното гласање за интерпелација.

Прочитајте и...  Курц „ифрит“ лут ги критикуваше градоначалниците: Се вакцинирале преку ред

– Не мислам дека пратениците на ДУИ ќе бидат заедно со опозицијата. Да, тоа е демократија, но тоа е демократија во рамките на ДУИ, а не да се биде со опозицијата – рече Ахмети.

Тој мисли дека не постои незадоволство во неговата партија, туку само „забелешки од помали размери“.

– Меџити не го урива својот дом, г. Беџети исто така, г. Џафери не го урива својот дом. Јас треба радикално да одговарам, а вие ми велите дека тука има нешто, некаква конспирација. Тие не го уриваат својот дом, бидејќи ова е заедничка инвестиција. И сам имам инвестирано во ДУИ, никому не сум му работел зад грб, никогаш. И сите членови на ДУИ виделе само добро од ДУИ и ова национално добро сите треба да го чуваат – смета Ахмети.

Меџити и неколкумина други пратеници и функционери од партиските ограноци од Чаир и Сарај летово се спротивставија на номинацијата на Груби и Османи за министри и не се појавија на Генералното собрание на партијата кога се гласаше за кадровските решенија. Јавно на оваа тема засега никој не сака да говори, а според шпекулациите во медиумите, разликите во партијата дополнително се продлабочиле, особено што почнало маргинализирање на луѓето што се блиски до Меџити. Затоа Меџити, кој е координатор на пратеничката група на ДУИ, во последно време отсуствува од седниците во парламентот со што се отежнува обезбедувањето на кворум за работа и мнозинство за гласање.

Неодамна за придонесот на Меџити во ДУИ индиректно зборуваше и поранешниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи, кога рече дека токму тој му ја донел победата на претседателот Стево Пендаровски лани, откако претставниците на СДСМ и ДУИ, Миле Зечевиќ и Меџити го молеле на муслиманските гласачи да им препорача да гласаат за Пендаровски.

Поради короната ќе нема политички потреси

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека ДУИ важи за исклучително монолитна партија и засега не очекува никаков раскол, и тоа најмногу заради пандемијата со коронавирусот.

Прочитајте и...  Фрчкоски: Би било добро вакцинацијата да започне што побрзо

– Ова сега е некаков нов развој на настаните на каков не сме навикнати со ДУИ. Според мене, засега нема изгледи за фракционерство, а ова е внатрепартиско незадоволство меѓу општинските ограноци и ќе остане на тоа ниво. Треба да се почека да изминат 100-те дена и да се види дали Меџити ќе поднесе интерпелација, но јас не верувам, затоа што коронавирусот забави сѐ, па ќе ги забави и политичарите оваа зима. Следното лето ќе биде политички многу интересно поради локалните избори наесен, но оваа зима, и покрај тоа што има и друга математика за ново парламентарно мнозинство, никој политичар нема да се осмели да презема радикални чекори и да прави политички потреси додека сите се преокупирани со сериозната здравствена криза – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Првиот вицепремиер Груби мисли дека нема да има интерпелација против него.

– Реално ние функционираме како едно единствено тело, и ДУИ и парламентарна група и делот од извршната власт и градоначалниците, и сме фокусирани на реализација на партиската програма. Не сакаме да се фокусираме на такви теми бидејќи имаме многу работа што треба заедно да ја завршиме. Сите сме едно тело и стоиме зад политиките на Ахмети – рече Груби.

Сепак, и покрај ваквите изјави, потенцијалниот раскол во ДУИ, дополнет со тенкото парламентарно мнозинство, неодамнешниот почеток на соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција, како и најавената блокада од Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ, најавуваат неизвесна политичка зима со можни пресврти.

За да се поднесе интерпелација се потребни пет пратеници, а да се изгласа 61. Теоретски е можно да се отповикаат министрите, затоа што опозицијата, која веќе бара оставки од премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Никола Димитров поради ситуацијата со Бугарија се очекува да даде поддршка, а на Меџити ќе му требаат само уште двајца пратеници од ДУИ или од коалицијата „Можеме“.

Прочитајте и...  Во САД вакцинирани 15 милиони луѓе, што е далеку од планот

Ахмети не гледа опасност од партнерството на ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција

Лидерот на ДУИ Али Ахмети не се плаши од можната коалиција на албанските опозициски партии Алијанса на Албанците и Алтернатива со ВМРО-ДПМНЕ.

– Тие имаат свои политики, своја стратегија. Тие беа против ВМРО-ДПМНЕ, а сега, интересно и чудно исто така, бидејќи цела борба беше против ВМРО-ДПМНЕ и против ДУИ, која беше со нив во коалиција, а сега прават стратешко партнерство. Тоа е за анализирање. Тоа никогаш не ме загрижувало. Колку повеќе се мобилизираат против ДУИ, толку ДУИ станува посилна. Таа коалиција никогаш нема да не симне од власт – рече завчера Ахмети.

Ахмети одби да каже дали има договор меѓу ДУИ и СДСМ за претстојните локални избори.

– Сега не можам да зборувам за деталите – рече Ахмети.

Груби бил преведувач во „Жолтата куќа“?

Дел од албанските медиуми објавија дека Груби е повикан за сведок во Хаг во врска со „Жолтата куќа“, за која се смета дека е поврзана со трговија со човечки органи.

Ахмети рече дека Груби бил само преведувач додека се правеле интервјуа со одделни сведоци за улогата на „Жолтата куќа“ за време и по конфликтот во Косово.

– Тој беше преведувач на Хашкиот трибунал седум или осум години. Откако се врати од Хаг, продолжи да работи во НАТО и во Холандската амбасада во Скопје – рече Ахмети.

Тој додаде дека би било наивно да се тврди дека Груби не ја знае материјата за „Жолтата куќа“, но како преведувач, а на како истражител, и преведувал дел од интервјуата што ги правеле истражителите од Трибуналот, па затоа не му е јасно зошто сега во Тирана го посочуваат како сведок.

Неколку медиуми ово Тирана објавија дека еден од можните сведоци во врска со „Жолтата куќа“ би можело да биде токму Артан Груби.

Поврзани вести

Студија: Мадрид, Антверпен и Торино се најзагадени градови од азот диоксид во Европа

Слободен печат

Заев: Нема разговори за идентитетот и јазикот

Слободен печат

Хоџа и Нуредини во Анкара: Создаваме можности за нови инвестиции и соработка во областа на одржливо управување со водни ресурси и заштита на шумскиот потенцијал

Слободен печат

Трамп се прости: Се гледаме наскоро

Слободен печат

Претседателот Пендаровски на средба со раководствата на компаниите учесници во програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери”

Слободен печат

🔴 ОД МИНУТА ВО МИНУТА I Бајден денес станува претседател: Вашингтон е под опсада на војската

Слободен печат

Остави Коментар