Рашковски може да оди на лекар без полициски придружба ако за тоа има дозвола од судот

Поранешниот генереален секретар на Владата, Драги Рашковски, смее да се оддалечуваа од домот каде го издржува куќниот притвор, велат од МВР и експертите по кривично право откако пред два дена Рашковски беше фотографиран на улица во населбата Аеродром без полициска придружба.

„Д.Р. има дозвола од Основен кривичен суд Скопје 1 со која поради здравствени потреби му се дозволува да се оддалечи од домот за да оди во точен период од денот да ја добие здравствената услуга. Дозволата е за точно определени денови. Во останатиот период од денот, освен периодот од неколку часа, кој му е дозволен од судот, Д.Р. ја почитува мерката. Конкретно денеска се направени две проверки од полициски службеници на СВР Скопје и Д.Р. ја почитувал мерката која му е изречена“, велат од МВР.

Професорот по кривично право Митасин Беќири вели дека притворено лице, без разлика дали е, или не во куќен притвор, може да се движи без полициска придружба ако претходно добил дозвола од надлежен орган.

– Да, тој може да се движи ако претходно го известил и добил дозвола од надлежниот орган (судија на претходна постапка). Ова важи и за тие што се во домашен притвор и оние што се во затворски притвор. Иста e постапката до правосилност на пресудата, потоа поминување на под-надлежностите на Дирекцијата за извршување на кривични санкции и затворите – изјави за „Слободен печат“, Беќири.

Премиерот Зоран Заев изјави дека Рашковски имал точно определен дел од денот кога смее да излегува.

„Рашковски има дозвола од суд во точен период кога да оди на лекар и тоа го прочитав од медиумите. Знам дека има точно превидено со решение од судот кога да оди на лекар, заради здравствени потреби, точно колку пати во неделата, кој дел од денот итн“, рече Заев.

Рашковски беше во затворски притвор од април поради опасност од бегство и влијание на сведоци, а по предлог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое води истрага за него. Судот одлучи тој да биде пуштен во куќен пртивор бидејќи околноста да влијае на сведоци повеќе не постоела. Тој нудеше парични гаранции кои не му беа прифатени. Рашковски се гони бидејќи Обвинителството смета дека како генерален секретар на Владата, спровел постапка за јавна набавка спротивно на прописите, која претходно ја договорил со фирмата која го добила тендерот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот