Расчистувањето на депонијата во Визбегово трае подолго од очекуваното

Иако градските и општинските влaсти најавија дека една од најголемите диви депонии во Скопскиот регион, депонијата во Визбегово, ќе биде расчистена за триесетина дена, сепак работите на терен се одвиваат многу побавно од очекуваното. Расчистувањето на депонијата во Визбегово стартуваше на 25 декември минатата година, но поради огромните количества складиран отпад на посочената локација, четири товарни возила се уште исфрлаат најразличен шут и отпад кој таму се складирал повеќе децении.

– Градот Скопје работи на расчистување на дивата депонија во Визбегово, која претставува повеќедецениски еколошки проблем за Скопје, а особено за жителите на околните општини Шуто Оризари, Бутел и Чучер Сандево.

Од оваа депонија која се протега на површина од 10 хектари (околу 10 фудбалски игралишта) ќе бидат расчистени околу 50.000 кубни метри шут и комунален отпад. Ова е финансирано со 20 милиони денари од страна на Министерството за заштита на животната средина. Од почетокот до денес постојано на терен се работи со четири товарни возила и голем дел од депонијата е исчистен. Навистина е тешко да се предвидат рокови за чистење на ваков вид на депонии, бидејќи ова не е градежен зафат туку процес и активност за која има непредвидливи фактори кои се појавуваат во текот на чистењето – ја објаснуваат работата на терен од Град Скопје.

Насобраното ѓубре старo неколку децении претставуваше „жешка еколошка точка“ во oвој дел на градот. На посочената локација, честопати се палеа поголеми количества ѓубре поради што концентрацијата на канцерогените ПМ10 честички континуирано растеше во тој дел на градот, притоа загрозувајќи го здравјето на локалното население поради континуираното вдишување на чад.

На стартот на чистењето на депонијата во Визбегово, од страна на надлежните институции беше најавено дека откако ќе заврши процесот на исфрлање на складираниот отпад, местото целосно ќе се израмни, ќе биде донесена нова и чиста земја, а потоа целиот простор ќе се преуреди и на него ќе биде посадено зеленило.

Покрај расчистувањето на депонијата во Визбегово, досега на територија на Град Скопје се исчистени и три други исто така поголеми депонии, кои значително многу придонесуваа кон влошување на квалитетот на амбиенталниот воздух кој го дишат скопјани, поради нивно често спалување од страна на несовесни граѓани. Станува збор за депониите во Мичурин, Кисела Вода и Ѓорче Петров.

Сепак, депонијата на Вардариште сѐ уште останува нерасчистена, а со тоа и можноста за спалување на огромни количества на отпад од страна на несовесни граѓани и понатаму продолжува.

– Во однос на Вардариште, станува збор за повеќедецениски проблем за чие надминување е потребен ангажман на повеќе институции, а според процените од неколку стручни студии, за санација на депонијата се потребни 26 милиони евра. Во моментов се прават дополнителни анализи и студии, како и подготвување на финансиска рамка за дефинитивно и системско решавање на проблемот – објаснуваат од Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот