Рап-сцена: Со „Промена на живот“ до лична револуција

Се потпишува како Олд Скул Портеро, а за него рапот е начин на живот. Илија Дуев има само 18 години, а месецов гостуваше на фестивал во Лесковац, каде што настапи со песни од вториот албум, што во моментов е во изработка.

– Сѐ уште сме под импресии од настапот, бидејќи не само што ни беше прво гостување надвор од Македонија, туку бевме ептен добро пречекани од организаторите и сите други изведувачи и покажавме дека сѐ уште постои таа балканска конекција – објаснува Илија, додавајќи:

„Во Лесковац настапував со Д.С.Ш. (Децата на старата школа), група што ја сочинуваат двајца блиски другари, Узи и ТриМ. Имаме група на Фејсбук под името ’Hip-Hop/Rap Scena Otvoreni Balkan‘, која со помош на неколку спонзори успеа да го организира настапот. Само Узи беше поканет, но нѐ повика и мене и ТриМ. Пред Лесковац имам настапувано во Скопје, пред просториите на ’Центар-Јадро‘. Таму настапував со една песна во придружба на Узи, Черман и Дипа, односно таа ни е заедничка песна која ќе биде дел од мојот втор соло-албум“.

Првиот настап на Илија Дуев надвор од Македонија беше на летен фестивал во Лесковац / Фотографија: Сандра Андонова

Инспирацијата за песните Илија ја црпи од книги, интернет и од секојдневниот живот.

– Број еден идол од светската рап-сцена ми е Еминем, бидејќи ме инспирира неговата вештина на пишување. Од Македонија идоли ми се „Зад аголот“, „Легијата“, Куп Де Грас, Кацар и многу други – вели тој.

Во неговите песни се среќава и мистериозниот Наставник, за кој Илија објаснува дека силно влијае врз неговите музички почетоци.

– На музичката сцена не сум многу долг период. Првата официјална песна снимена во студио датира од 2020 година. Во рапот навлегов благодарејќи на Наставникот, кој многу ми помогна на почетокот, додека го градев стилот. Тој ми беше наставник по историја во основно. Никогаш не очекував дека ќе се зближам со некој наставник, но тој имаше поинаков пристап кон учениците од останатите наставници, и сѐ уште сме многу блиски и секојдневно одржуваме контакт – открива Илија.

Сепак, работните ангажмани на толку млада возраст имаат и своја цена.

– Додека го снимав првиот албум, изгубив другари со кои се дружев долг период, но не ми e жал за тоа, бидeјќи запознав многу нови личности што ми дадоа поддршка и мотивација да продолжам да снимам. На некој начин ми се смени животот, па така решив првиот албум да го именувам „Промена на живот“ – вели Илија, и додава: „Рапот како жанр е доста цврст и револуционерен и дава реална слика за ситуацијата во општеството. Народот има негативен став кон рапот и целата култура, бидејќи е лошо претставен од денешните ’рапери‘“.

Рапот како жанр е доста цврст и револуционерен и дава реална слика за ситуацијата во општеството / Фотографија: Иван Велковски

Тој смета дека во Македонија има многу млади и талентирани артисти, кои на разновиден начин придонесуваат за една солидна рап-сцена, но сепак жали што рапот е слабо промовиран. Иако снима соло, многу соработува со другите рапери од Македонија, и се надева дека во блиска иднина ќе соработува со артист од Балканскиот регион.

– Летниов период работам во кафуле, бидејќи собирам финансии за да го довршам вториот албум, да направам цедиња и да организирам промоција. Во моментов спремаме песна во која ќе има околу 15-16 артисти од цел Балкан – најави младиот рапер Илија Дуев.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 135, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот