Ранѓеловиќ за СП: Кризата го подига антагонизмот меѓу Македонците и Бугарите

Иво Ранѓеловиќ

Одолговлекувањето на проблемот меѓу Македонија и Бугарија ќе направи голема штета за двете општества, вели аналитичарот Иво Рангеловиќ за „Слободен печат“.

– Бугарија влегува во се поголема политичка криза и таквиот курс го компликува интегративниот пат на Македонија. Но, проблемот не е само формален затоа што кризата го подига антагонизмот помеѓу двата народи и ја разгорува еволуцијата во нивните односи. Ако спорот се одолговлечи, ќе дојдеме во ситуација, и покрај евентуално решение, двете држави да се најдат во исклучително лоши односи во функционирањето на двете општества – вели Ранѓеловиќ.

Според него, се поизвесни се трети парламентарни избори во Бугарија, каде техничката влада ја ужива привилегијата да не носи политички одлуки. Затоа, вели тој, клучен фактор во расплетот е меѓународниот фактор.

– Останува опцијата на овој спор да му се даде билатерална (маргинална) димензија преку португалскиот предлог, при тоа издвојувајќи го решението од интегративниот пат на Македонија. Но, тешко е да очекуваме позитивен исход за време на словенечкото претседателство од две круцијални околности. Првата е времето визави резултатската конфигурација од изборите во Бугарија. Втората е конфузната ситуација во која се наоѓа Словенија предводена од претседател кој покрена директна иницијатива за решавање на спорот, а од друга страна со влада предводена од премиер кој е склон на „орбанистика“ и пркоси на секоја можна вредност на ЕУ. Следствено, не смее да ја потцениме улогата на Вашингтон, бидејќи бугарското вето значи и вето за американските интереси во Бугарија и регионот. Токму тоа треба да биде фокусот на македонската дипломатија и евентуалното решение на спорот со официјална Софија – вели Рангеловиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот