Рамчиловиќ до ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерни сте, пред странците клечите, пред граѓаните зборувате друго

Фото: МИА

По жешката дебата во Собранието, независниот пратеник Зеќир Рамчиловиќ со 62 гласови „за“ и 12 „против“ е избран за нов потпретседател на Собранието. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за предлогот на СДСМ и ДУИ. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека довчерашниот соработник на Никола Груевски, на оваа позиција ќе биде избран како функционер на Зоран Заев. Тој обвини дека станува збор за политичка трговија.

– Денешната политичка трговија во македонското Собрание е доказ дека власта функционира на принципот – задоволи го функцонерот, дај му позиција, а запостави ги гласачите кои му ги дале мандатот. Овој избор е со краток рок. Тој што ќе прифати ваква трговија, на долг рок ќе ја нема поддршката од гласачите кои му го дадле мандатот да ги застапува – рече Милошоски.

Пратеникот Влатко Ѓорчев, обраќајќи му се на Рамчиловиќ, рече дека позицијата што ќе ја има ќе биде без чест и чесност. Собранискиот спиекр Талат Џафери регираше дека во говорот на Влатко Ѓорчев има говор на омраза.

Рамчиловиќ возврати дека со гласањето за промена на името овозможил иднина на оваа држава.

– Навистина сум зачуден. Засрамете се од лагите што ги кажавте. Како кандидат за потпретседател нема да се спуштам на нивото на кое вие се спуштате. Не го навредивте само кандидатот Рамчиловиќ, туку бошњачката заеница. Вие најмалку можете да зборувате за чест и честитост, но и за политиччка трговија. Она што вие го правите е лицемерно. Она што го зборувате пред странците, да не речам клечите и она што го зборувате пред јавноста е лицемерно. Јас бев дел од оние што носеа одлука за иднината на Македонија. Вие избегавте од овие одлуки. Зборував дека сум против промена на уставното име, но вие со вашето однесување придонесовте граѓаните да не можат да си го кажат својот збор – рече Рамчиловиќ.

Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во која дејствуваше Рамчиловиќ, рече дека Собранието ќе добие исклучително посветен работник.

Ејуп Алими од ДУИ рече дека со изборот на Рамчиловиќ се испраќа позитивна порака до сите заедници дека државата припаѓа на сите.

Јован Митревски од СДСМ изборот на Рамчиловиќ за потпретседател го оцени како дел од концептот едно општество за сите.

Ова е првпат на оваа позиција еден припадник на помалите еднички заедници под 20 проценти да биде избран за потпретседател на собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот