РАМАЗАН: Урмата е неизбежен додаток на ифтарската софра (ГАЛЕРИЈА)

Фото/Слободен Печат

Скопје е еден од балканските градови каде најмногу се чувствува светиот месец на муслиманите, Рамазан.

Џамиите се преполни уште од првиот „Теравих намаз“, молитва којашто се применува само во текот на светиот месец на постите како последна молитва на денот, кој навестува дека следниот ден почнуваат постите, а и во другите времиња џамиите се посетуваат многу повеќе од останатиот период на годината.

Но тоа што му дава најголема важност на овој месец се постите.

Постот е многу важен за душевното прочистување

Тахир Емин, познат продавач на кожа во скопската турска чаршија, вели дека Рамазан е најубавиот период на годината. Tој едвај чека да дојде месец Рамазан и да почнат постите.

Фото: Тахир Емин/Слободен Печат

– За Рамазан се е поубаво, особено во нашето Скопје, кадешто владее толеранцијата и соживотот. Освен физичкото прочистување, постот голем придонес дава и на душевното прочистување. Сите се собираме во исто време и го чекаме оџата да го учи „езанот“ и да ни даде знак дека можеме да почнеме со ифтарот. Ифтарот го отвараме обично со урма или со вода, па после можеме да продолжиме со јадење и пиење се до сахур (појадок) кога престануваме да внесуваме што било во нашето тело и почнуваме да постиме. Во се има една голема хармонија, телото можеби гладува, но душата се исполнува – ни раскажува Тахир.

Урмата е неизбежен додаток на ифтарската софра (вечера) на секој муслимански дом, за тие што можат да си дозволат. На Бит Пазар урмата е најпродаваното овошје во текот на овој месец. Може да се каже дека и се друго се продава многу повеќе за Рамазан, бидејќи, како што велат продавачите, човекот кога е гладен, бара да јаде повеќе отколку што може.

Рамазан месец на хуманоста и солидарноста

Рамазан е месецот кога луѓето најмногу си помагаат меѓусебно и особено внимание се обрнува на сиромашните, сирачињата или лицата со посебни потреби.

Фото: Ирфан Исаки/Слободен Печат

– Да се остане без храна и вода околу 17 часа не е мачење, туку е сфаќање на другиот, сфаќање на тој што нема да јаде, сфаќање на тие што немаат никаков извор на вода и храна и солидаризирање со нив. И нашиот пророк Мухамед а.с. бил сиромашен, или имал некоја урма за да отвори ифтар или некогаш немал ништо за неговата ифатрска софра. А има луѓе кои со денови немаат што да јадат и што да пијат, 17 часа не се ништо. Во Македонија народот знае да сочуствува со другиот. Од сите страни се собира помош за луѓето што имаат потреба. Пристигнува помош и од надвор од земјата, особено од Турција. Но и луѓето во нашата земја се многу хумани, се собира помош од сите страни и се бараат сиромашни за да им се помогне. И со гордост можам да кажам дека Скопје е еден од градовите каде најубаво се чуствува и се доживува светиот месец Рамазан – објаснува хуманистот Ирфан Исаки.

Преку постот се воспитуваме себеси за поздраво тело и почист дух

Рамазан е најубавиот месец во годината затоа што во овој месец, Алах го подарил Куранот на човештвото, вели познатиот терзија во скопската чаршија, чичко Салајдин.

Фото: Салајдин Мани/Слободен Печат

– Рамазан е месец на милоста и на толеранцијата. На крајот на посниот ден, треба да станеш покорисен човек за општеството, повреден човек за твоето семејство и поиздржлив и помудар за себе. Алах нема потреба од нашето гладување, туку не обврзува да ги воспитаме своите страсти и неограничени желби. Човекот кога удира по теписите не му е целта да го казни тепихот, туку целта му е да ја истресе прашината од него. Така и ние се воспитуваме себеси преку постот за на крајот на Рамазан да имаме поздраво тело и почист дух – објаснува чичко Салајдин.

За време на светиот месец Рамазан, се покануваат роднини и пријатели по домовите, или се организираат групни ифтари каде што се потсетуваат верниците на обврските кон општеството, се цитираат делови од Куранот, и на тој начин се придонесува за солидаризирање на луѓето и нивното помагање без разлика на национална, етничка, културолошка или верска припадност.

[foogallery id=”20382″]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот