Рамадани: Нашата шанса за ЕУ сега е само во големата геополитичка битка за Западен Балкан

исмет рамадани
Исмет Рамадани, поранешен пратеник

Во актуелната ситуација остана само надежта дека некое изненадувачко решение што ќе го избоксуваат западните партнери, како и притисок „под масата“ може да ја натера Бугарија да го тргне ветото за Македонија на Самитот на ЕУ на 14 декември во Брисел, вели аналитичарот Исмет Рамадани за „Слободен печат“.  Ситуацијата е сложена, вели тој, а спорот Скопје-Софија ги надминал  димензиите Македонија-Бугарија кон пошироко и токму таму е малата шанса за скорешен пробив.

– Кога се создаде добра ситуација во прилог на решавање на проблемот со Бугарија, со тоа што се отворија и не поддржаа и земјите кои имаат поголемо влијание, како и САД, за жал, кај нас и во Бугарија работите тргнаа во поинаква насока. Ние имаме влада речиси во оставка, премиерот Зоран Заев се повлече, не функционираме со полн капацитет. Во Бугарија пак, победи една помодерна политичка партија која дава шанси да го решиме проблемот, но голема пречка ќе биде претседателот Радев кој држи еден ригиден став, за кој понекпогаш се сомневам и дека е инструиран од други сили кои се против евоинтеграцијата на Западен Балкан, можеби од руската опција. Затоа очекувам дека нашите стратешки партенери периодов уште повеќе ќе се ангажираат за да го извлечат максимумот од дадените околности и ќе издејствуваат решенија што им одат во прилог на нивната геополитика во регионот. Пред се мислам на помошта и пораките што пристигнуваат од САД, последно од дел од конгресмените, но и од администрацијата на претседателот Џо Бајден, потоа францускиот претседател Емануел Макрон, од Холандија, Британија итн. За регионалната превласт на Западен Балкан се бие голема геополитичка битка и во тие размери сега е нашата шанса – вели Рамадани за „Слободен печат“.

Штета е, додава тој, што нашите лидери во овие моменти, по самитот во Словенија и засилената поддршка за евроинтеграцијата на Западен Балкан, создадоа проблеми без причина.

– Власта се добива, се губи, па пак се добива, но за вакво значајно стратешко прашање нашите лидери не покажаа политичка зрелост – заклучува Рамадани.

 

Видео на денот