Рамадани: Моментот со ЕУ и Бугарија е сега или кој знае кога, министерот Османи е во право

исмет рамадани
Исмет Рамадани, поранешен пратеник

Сега навистина има создаден дипломатски и геополитички момент да се тргне бугарското вето и Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, а ако и оваа можност пропадне, тогаш подоцна ќе биде многу потешко, вели аналитичарот Исмет Рамадани за најавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека ако Софија ја повтори блокадата во јуни во Брисел, македонската влада повеќе нема да преговара со бугарската, туку билатералните разговори ќе ги води амбасадата во Софија.

– Министерот Османи е во право. Ако во јуни ветото за нашите евроинтеграции не биде отстрането, тогаш веќе ќе се изгуби интензитетот на активностите, како и желбата и волјата кај институциите и кај народот да се најде решение за проблемот. Овој пат, заради ситуацијата проблемот со прошитувањето на Унијата е подигнат на ниво на геостратешка цел, а сојузниците во НАТО и во ЕУ не можат да си дозволат дестабилизација на регионот Западен Балкан. Затоа треба да се искористи оваа ситуација и овој создаден момент за дипломатски притисок дека сега е моментот за деблокада – вели Рамадани за „Слободен печат“.

Тој додава дека приликите сега се развиле така, а Македонија веќе помина премногу години како земја-кандидат за ЕУ, плус и под блокада од Грција.

– Друг момент е и што совеста на политичарите во ЕУ како да проработува во однос на нас, и како да се свесни дека треба да го сменат концептот на проширувањето на Унијата. И францускиот претседател Емануел Макрон најавува нешто такво. Тој има амбиција да биде лидер на ЕУ и можеби чувствува потреба и лично да се ангажира за исчекор во проширувањето, оти во 2019 година тој не спречи на патот кон ЕУ со реформата на преговорите, а потоа следеше Декларацијата во бугарското собрание. Така што, ние имаме сега шанса и треба да ја искористиме. Но, треба да внимаваме, и опозицијата исто така, да не создаде алиби за ново вето со блокадата на Собранието – вели Рамадани.

Тој додава дека Владата мора да внимава и на тоа да ја сочува својата стабилност и да не падне ако повторно се случи блокада во Брисел.

– На извршната власт е да го менаџира и тоа, за да не се остави впечаток дека вината што немаме датум е Владата, затоа што не е. Имаме вето, а ветото е апсурд. Ние како држава сме со сите исполнети услови за почеток на преговорите, а тоа јасно го кажуваат и во самата ЕУ – вели Рамадани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот