Рама: Советот на Европа да му се извини на Косово зашто неосновано се обвинува раководството на ОВК за трговија со органи

Еди Рама во Брисел, Белгија / 19 јули 2022 / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Албанскиот премиер Еди Рама зборуваше со остри тонови во Брисел по отворањето на преговорите и побара од Советот на Европа да му се извини на Косово за извештајот на Дик Марти, бидејќи, според него, тој бил изманипулиран, јави Топ чанел.

Нагласувајќи дека тоа нема никаква врска со она што се случува денеска во Брисел, Рама изјави дека ова е срамна страница за Европскиот совет, кој, според него, треба да најде храброст да се соочи со Косово и да му се извини.

„Јас не упатувам обвинувања без факти, никогаш не сум рекол дека сме изманипулирани од Русија затоа што не знам дали Русија била или не дел од оваа игра. Она што го знам е дека приказната за трговија со органи почна од Русија, а не од некој друг. Она што можам повторно да го кажам е дека гледајќи ги обвинувањата, нема никаков факт или сомнеж за трговија со органи, а како што забележавте, судот во Хаг е уверен врз основа на овој извештај“, рекол Рама.

Според него во Косово и во Албанија биле спроведени целосно независни истраги и не се најдени никакви докази.

„Ова беше маскенбал преку многу кал фрлена врз цела една земја, против независна држава и целата ослободителна војна. Тоа не е обвинение, нема доказ дека имало организирана трговија од страна на ослободителното раководство на Косово, кое беше жртва на организиран напад. Тоа нема никаква врска со процесот што се одвива. Станува збор за срамна страница на Советот на Европа, кој мора да собере храброст да се соочи и да каже простете ни“, посочил тој.

Додал дека не е ништо лично, ништо против господата, но оти не може да се обвинува без докази.

„Невозможно е да се обвини народ кој е ослободен благодарение на ослободителната војска против машината на етничко чистење и да се нурне во најдлабоките длабочини на новинарски ѓубришта. Ова не треба да се повтори, Албанија никогаш нема да се предаде“, порачал Рама.

Тој пред еден месец, по осмата заедничка седница на владите на Албанија и на Косово, во Приштина најави дека Тирана ќе започне кампања, која ќе ги вклучи Вашингтон, Париз, Берлин и други центри во светот, за да документира дека Ослободителната војска на Косово не била вклучена во трговија со органи.

„Вчера Социјалистичката партија чиј лидер е тој, до парламентот достави Нацрт-Резолуција за неоснованоста на наводите за нелегална трговија со човечки органи на Косово и Албанија, со која Албанија ќе ги отфрли наводите за трговија со човечки органи“, пренесе АБЦ њуз.

Извор: МИА

Видео на денот