Рама: Црна Гора, Косово и БиХ ќе станат дел од Отворен Балкан, не постои друг пат

Еди Рама / Фото EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Иницијативата Отворен Балкан ќе опстане и ќе ѝ се приклучат и Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, изјави албанскиот премиер Еди Рама.

“Убеден сум дека проектот Отворен Балкан ќе преживее, затоа што мирот мора да преживее. И тоа мора да биде неповратно, засекогаш“, кажа Рама за Дојче веле по вчерашниот состанок со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со вицепремиерот на Македонија Никола Димитров во Белград.

Рама рече дека верува оти Албанците „постигнаа многу со тоа што ја убедија Србија да го прифати Отворен Балкан за шест земји“ и додаде дека е „важно што Србија прифати дека нема граница меѓу Албанија и Косово“.

“Ова се обидуваа да го направат и го ветуваа сите, но никогаш не можеше да се реализира зашто секогаш кога бевме блиску, целиот свет стануваше и велеше дека се прави Голема Албанија. Има некои што не сакаат да го разберат тоа, па велат: ‘Зарем ќе добиваме дозвола од Србија?’ Тука не станува збор за добивање дозвола, станува збор за тоа да направиме нешто, а тоа не може да се направи ако Србија алармира и ако каже дека се прави Голема Албанија“, наведе тој.

Рама рече дека Србија не само што не е пречка за бришење на границите меѓу Албанија и Косово, туку е и „спремна да го прифати Косово на масата како рамноправно, кога е во прашање Отворен Балкан“.

“Воопшто не разбирам зошто би требало да се отфрли оваа можност и зошто луѓето мора да страдаат, оние луѓе на кои им е потребно тоа првенствено заради нивната работа, заради нивниот бизнис и заради нивната слобода на движење. Јас тоа не го разбирам“, рече албанскиот премиер.

За односот со Вучиќ, Рама вели дека „разговараат за сè и мошне отворено“, но дека се „согласија дека не се согласуваат за прашањето за Косово“, за што албанскиот премиер изнесе мислење и во Белград.

Рама се осврна и на многубројните критики што ги добива од Албанија и од Косово поради поддршката на иницијативата Отворен Балкан.

“Ако е предавство да размислуваш за иднината, мирот, економскиот раст, соработката и за благосостојбата на општеството, а да не размислуваш за конечното решение на прашањето за Косово, тогаш јас сум предавник. И тука нема дискусија: и ќе останам предавник“, рече Рама.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот