Ракување и синдикалниот самрак во Европа

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Сè се менува, па и еден типичен социјален феномен каков што е ракувањето. Но со своето историско значење, и заради своето преживување во иднина, синдикатите мора да ја обноват сликата и симболичната сила на сопственото цврсто ракување. Без оглед на корона-кризата и социјалната дистанца, таквото ракување – во интерес на едно подобро општество кое се посакува – не треба да се одбива.

Македонските синдикати изразија незадоволство од економските мерки што Владата ги презема во однос на кризата со коронавирусот. Со барања за заштита на работниците и сиромашните, синдикатите ја обвинуваат Владата дека настапува единствено од страна на бизнис-заедницата, при што се потенцира дека во економскиот совет на Владата која ја предводат социјалдемократите, СДСМ; нема ниту еден претставник на синдикатите, „ниту еден активист за работнички права“.

Две гранки на исто дрво. Синдикално-политичката соработка на многу места во светот, за разлика од Македонија, подразбира посилен заемен однос. Во историјатот на работничкото движење во Шведска често се зборува за двете гранки на стеблото кои подразбираат подадени раце – Социјалдемократската партија и Сојузот на шведските синдикатите. Додека едната се грижи за работничките интереси на работните места, другата го прави истото во Парламентот. Тој цврст однос во последните години е изложен на сериозни предизвици, но сепак во основа не се доведува во прашање.

Во глобални рамки моментно, во време на корона-кризата, социјалната дистанца сè повеќе станува реалност што се вгнездува во новите навики на луѓето. Со ширењето на заразата многумина се воздржуваат од традиционалното ракување, користејќи повеќе или помалку нови гестови со кои се овозможува поздравување без физички допир. Но сликата на две подадени раце што се ракуваат претставува класичен социјален симбол низ историјата, особено во рамки на работничкото и синдикалното движење. Од синдикалната солидарност произлегува и мандатот да се склучуваат договори – со ракување – со работодавците за условите што ќе важат не само за работникот како единка на пазарот на труд, туку и за целиот колектив. Да се овозможи сите други имаат праведни услови, всушност, е најдобра заштита на сопствените работни услови.

Напоредно со бранот на масовни отпуштања кој зафати голем број земји среде корона-кризата, некои синдикални сојузи известуваат и за значаен пораст на нивното членство. Во Шведска е несомнено присутен таков развој, каде што заложбите и грижата на синдикатите и понатаму значат сигурност во тешки и неизвесни времиња.

Во Европа се во тек промени што се одвиваат мошне брзо. Потврда за тоа е и една неодамна објавена шведска истражувачка студија под наслов „Синдикална есен во Европа“, која во една поширока рамка укажува на тенденции на намалување на синдикалното членство. Како исклучок се посочува Италија, но таму во најголем дел се пензионерите кои и понатаму се лојални синдикални членови. Како последица на губењето на членството, синдикатите се соочуваат со сè поголеми тешкотии да ја оправдаат својата улога на пазарот на трудот и да извршат влијание на владините политики. Развојот во последните години, исто така, покажува дека многумина синдикални членови им го свртеле грбот на левичарски партии и почнале да гласаат за десничарски националисти и популисти.

Во Германија незадоволствата кај многумина се манифестираат како доживување дека се маргинализирани во однос на социјалните бенефити во општеството на благосостојба. Во Италија, по урнекот од Германија, веќе подолго време се поткопуваат колективните договори. Во Австрија, каде што деснорадикалната ФПО доби трипати повеќе работнички гласови од социјалдемократите на изборите, Владата реши да овозможи 12-часовно работно време без надоместок за прекувремена работа.

Во Полска, каде што синдикатот „Солидарност“ беше носител на уривањето на комунизмот, со колективен договор се опфатени околу 14 проценти. Во Унгарија синдикатите не беа доволно силни за да мобилизираат на протести што беа најавувани кога десно националистичката влада сакаше да ја смени регулативата за прекувремена работа, а што синдикатите го нарекоа „робовски закон“. Во Естонија, каде што степенот на пристапување кон синдикатите беше речиси 100-процентно пред осамостојувањето, денес само пет проценти од вработените се синдикални членови.

Иако Скандинавија се издвојува како позитивен пример, каде што појдовната основа за синдикално приклучување е постабилна, развојот сепак ја следи истата линија. Од 2006 до 2018 година нивото на синдикално зачленување во Шведска е паднато за десет проценти – меѓу работниците дури 18 проценти.

Токму затоа се предупредува дека е крајно време да се активира ѕвоното кое треба да повика на акција. Без колективно синдикално претставување, наспроти работодавците и бизнисот чиј интерес пред сè е „ставање клин“ меѓу вработените, пазарот на труд во Европа се менува во друга насока од она што бил досега. Се наметнува заклучок дека додека луѓето биле иновативни, наоѓајќи нови начини како меѓусебно да се поздравуваат поради коронавирусот, синдикатите биле премногу троми и бавни со обмислување нов пристап и начин на работење во едно ново време.

Македонските синдикати бараат решителни и храбри мерки за заштита на работниците и сиромашните. Во принцип луѓето пристапуваат кон синдикатите таму каде што гледаат дека синдикалните заложби внесуваат промени и прават разлика во секојдневието, каде што со стабилни работни односи и со редовни и сигурни приходи се опфатени повеќемина.

Во времето на глобалната криза некои се сетија на зборовите на неолибералниот филозоф Милтон Фридман, кој веројатно бил во право кога тврдел дека „само криза, вистинска или измислена, може да создаде вистински промени, со цел политички невозможното да стане – политички неизбежно“. Во таа смисла, корона-трагедијата веројатно би можела да биде почеток на едно подобро општество.

Сè се менува, па и еден типичен социјален феномен каков што е ракувањето. Но со своето историско значење, и заради своето преживување во иднина, синдикатите мора да ја обноват сликата и симболичната сила на сопственото цврсто ракување. Без оглед на корона-кризата и социјалната дистанца, таквото ракување – во интерес на едно подобро општество кое се посакува – не треба да се одбива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот