Ракот на грло на матка коси: Со мобилни гинеколошки амбуланти низ градовите се крева свесноста кај жените

Фото: Профимедиа

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), секоја година околу 500.000 жени во светот заболуваат од рак на грлото на матката, од кои околу 230.000 умираат од оваа болест. Ракот на грлото на матката е еден од најчестите малигни тумори кај жените, кој е трет најзастапен на нашите простори (по ракот на дојката и белите дробови).

Просечната возраст на која се открива инвазивен карцином на грлото на матката е од 48 до 52 години, а ракот in situ (на ниво на клетките) е 35 години.

Во поново време, јасно се воочува инциденцата и смртноста од рак на грлото на матката, особено кај младите жени повторно е во постојан пораст.

Причините за овој пораст не се добро познати.

Се смета дека поголемата слобода во сексуалното однесување, која е поврзана со сексуално преносливите инфекции, особено оние предизвикани од Хумани папилома вируси (ХПВ), значително влијае на овој пораст.

Ракот на грлото на матката е излечлив тумор доколку се открие навреме.

По повод одбележувањето на јануари како месец посветен на борба против ракот на грлото на матката, Министерството за здравство спроведе кампања за рано откривање и превенција на оваа болест.

„Еден преглед спасува живот, прегледај се -заштити се!“ е мотото под кое се спроведува кампањата за превенција и рано откривање рак на грлото на матката, информира на својата фејсбук страница Министерството за здравство.

Освен во јануари, месец кој традиционално е посветен за подигнување на свесноста за борба со ракот на грлото на матката, Министерството за здравство, како што се посочува, преку низа активности цела оваа година ја посветува на унапредување на женското здравје, а во завршна фаза е и изработката на посебен модул за пријавување пациентки за зголемување на опфатот на жени и приближување на оваа здравствена услуга до женската популација.

Со поддршка на УНФПА веќе се во функција мобилните гинеколошки клиники, каде се вршат прегледи за рано откривање на ракот на грлото на матката, кои веќе посетија неколку општини низ државата. Целта е да се зголеми бројот на жени и девојки кои ќе направат бесплатен ПАП-тест, да се зголеми инклузивноста на женската популација од ранливите групи кои живеат во рурални и оддалечени места и да се подигне свеста за важноста од редовни контроли, потенцираат од Министерството.

Во мобилната гинеколошка амбуланта, како што се истакнува, се достапни и совети за родово базирано насилство и за планирање на семејството. Прегледите за гинеколошката амбуланта се бесплатни, пријавувањето се одвива преку матичните лекари.

Кампањата се одвива со емитување промотивен видео спот на националните ТВ, објавување документарни содржини за мобилните клиники на социјалните мрежи, дистрибуција на печатени едукативни материјали, како и совети од гинеколози за важноста на редовните прегледи.

Сите овие активности се реализираат преку Комисијата за скрининг на рак на грлото на матката при Министерството за здравство во соработка со УНФПА, СЗО, УНИЦЕФ и лекарските здруженија, информираат од Министерството за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот