EPA-EFE/Tibor Illyes

Ракометен мундијал со 32 учесника, големите се против, малите се за

Со почетокот на Светското ракометно првенство 2025 се разгореа дебатите дали 32 репрезентации се премногу на светските самити. Колку е зголемениот број од 24 на 32 учесника штетен, а колку корисен? Постојат спротивставени мислења, во Шведска сметаат дека 32 тима е преголем број учесници, а во САД и на Фарските Острови го велат токму спротивното

Со почетокот на Светското првенство 2025 повторно се разгореа дебатите околу тоа дали 32 учесника на мундијалите не е преголем број. Постојат спротивставени мислења, при што главно претставници на поголемите ракометни нации сметаат дека 32 е премногу учесници, што наводно влијае штетно на ракометот.

Претставниците на помалите ракометни нации, спротивно, сметаат дека е добро што бројот на учесници се зголеми, затоа што тоа го поттикнува интересот за овој спорт. Дебатата е објавена на сајтот „Гоухендбол“. Учесниците се зголемија од 24 на 32 на СП 2021, а овој е трет мундијал со толку учесници.

Швеѓанецот Пер Јохансон беше селектор на Шведска, Црна Гора и Холандија. Тој е против 32 тима на СП, смета дека погодна бројка би била 24 учесника.

Врвните нации играат бесмислени мечеви

– Ексклузивноста на учество на европско или светско првенство исчезнува кога има премногу тимови. Нема возбуда за тоа кој ќе се квалификува, а кој ќе биде елиминиран. Првенството станува премногу комерцијален производ. Подобро да има и Б-светско првенство, каде што тимовите ќе можат да се натпреваруваат на исто ниво – вели Пер Јохансон.

Слично размислува и неговиот сонародник тренерот Андреас Стокенберг.

– Кога има толку многу тимови има по два или три натпревари за врвните нации кои во основа се бесмислени. Треба да се заштитат нашите играчи, кои веќе имаат многу натпревари. Но наместо тоа, тие играат вакви мечеви каде што се зголемува ризикот од повреди. Во тоа гледам само недостатоци. За ЕП мислам дека 16 селекции е разумно. Можеби околу 20 учесници за СП. Тоа би го задржало квалитетот на првенствата – вели Стокенберг.

Забрзан напредок во САД и на Фарските Острови

 

Во Соединетите Американски Држави, голема нација, но ракометен мундијалски анонимус, сметаат спротивно од Швеѓаните. САД по пауза од 10 мундијали, учествуваа на СП 2023, а учествуваат и сега.

– Неверојатно е важно да се биде на првенствата. Како инаку помалите нации би имале шанса да се подобрат? На првенствата се учи играјќи против најдобрите. Направивме огромен напредок во последниве години и тоа немаше да биде можно без да ги играме тие натпревари. Не ја разбирам критиката – вели американскиот селектор, Швеѓанецот Роберт Хедин, кој истакнува дека многу повеќе пари сега се инвестираат во ракометот во САД.

EPA-EFE/Beate Oma Dahle

Фарските Острови за малку ќе се квалификуваа на СП 2025, што ќе им беше првпат, а дебитираа на големите натпревари на ЕП 2024.

– Од наша перспектива како мала нација, тоа е огромна можност. Никогаш немаше да успееме без новиот систем. Ако го погледнете квалитетот на нашите играчи и тимови, како и финансиски, ние сме пораснале неверојатно откако се квалификувавме за првенството (ЕП 2024 н.з.). Тука имаме поголем интерес за ракометот од медиумите, од јавноста и од спонзорите. Во март добиваме нова арена која ќе собира над 3.000 гледачи – вели Марк Лаусен-Марчер, спортскиот директор на тимот на Фарските Острови.

Кузмановски и Костески заедно со двајца Данци на врвот во две категории на СП

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот