Ракометарите го „избраа“ потешкиот пат

ракомет репрезентација
Ракометарите со три порази го завршија настапот на Европското првенство/ фото: РФМ

Ракометната репрезентација на Македонија за прв пат во седумте учества на Европските првенства, во Дебрецин загуби на сите натпревари и се соочи со реалноста наречена промена на генерации која пак не е непознаница за „црвено-жолтите“ и воедно го трасира патот за иднина.

Репрезентацијата за прв пат од 2009 година и Светското првенство во Хрватска која Македонија повторно се запиша на ракометната мапа како редовен учесник на големите натпреварувања (со исклучок на ЕП 2010 и СП 2011), одигра без Кирил Лазаров, а од „амбасадорите“ кои последните 10-12 години беа неизоставен дел од репрезентацијата беа единствено Филип Миркуловски, Стојанче Стоилов и Никола Митревски, додека Дејан Манасков не настапи поради повреда.

Останатите ракометари во Дебрецин беа тие кои треба да бидат иднината на Македонија, но ќе мора да одат по потешкиот пат, бидејќи трасата зацртана од претходната генерација полека „се брише“.

Македонија за следното големо натпреварување, Светското првенство 2023 кое ќе се игра во Полска и во Шведска, ќе мора да игра не еден туку два баражи и во нив нема да ја има фаворитската улога како што беше во минатото.

Во првиот бараж ракометарите ќе ја имаат улогата на фаворити, но, во вториот, ќе бидат во подредена улога, односно за противник ќе имаат репрезентација која на ЕП кое сè уште се игра ќе имаат селекција која ќе заврши од четвртото до 15. место.
Ракометарите во Дебрецин, одиграа три натпревари и доживеаја три порази, од Словенија, Црна Гора и Данска, притоа прикажувајќи две лица.

Играта против Словенија покажа дека има „материјал“, но на дуелите со Црна Гора и Данска ракометарите одиграа слабо и покажаа дека ќе биде потребно многу работа нив, а голем дел од таа задача ќе треба да биде на психолошки план, како што кажа и селекторот Лазаров пред заминувањето за Дебрецин.

– Младите во тренажен процес не заостануваат воопшто во споредба со поискусните, но самото стапнување на паркетот каде што се игра ЕП веднаш се блокира сè кај нив. Затоа и ангажиравме спортски психолог кој работи индивидуално со нашите помлади играчи за што побезболно да ги поминат овие работи – рече Лазаров пред заминувањето за Дебрецин.

Како што е обичај, селекторот по секое големо натпреварување ќе направи детален извештај за играта на Европското првенство, во кој треба да го заврта патот за иднина.

Бидејќи Македонија е земја со милион експерти, секој има свое мислење и идеја, но пожелно е да се слушне што имаат да кажат поранешни колеги на Лазаров со кои ги остваруваше најголемите ракометни успеси. Нивниот збор има тежина и сигурно е добронамерен – за доброто на ракометот.

Лазаров можеби е вистинскиот човек кој би требало да ја води репрезентацијата во новото поглавје, односно да ја направи смената на генереации, бидејќи веќе се има соочено со овој процес пред 23 години.
Имено, по дебитанските настапи на Македонија на ЕП (1998 Италија) и СП (1999 Египет), следеше смената на генерации и тоа ни донесе десетгодишен пост од учество на големите натпревари.

Тогаш од репрезентацијата се повлече Пепи Манасков и улогата на нов предводник на националниот тим му припадна токму на Лазаров. Репрезентацијата тогаш тргна во нов почеток кој беше тежок, турбулентен и исполнет со многу разочарувања на последната пречка пред настап на ЕП или СП – баражот.

На репрезентација и беа потребни точно десет години за да победи во еден бараж, во 2008 година беше совладан Исланд и Македонија од 2009 година повторно се најде на мапата на редовни учесници на големите ракометни натпреварувања.

Сега Лазаров повторно би требало да ја има клучната улога, да се обиде побезболно да ја направи смената на генерации, но како што вели тој самиот, подготвен е да послуша и прифати конструктивна критика за доброто на македонскиот ракомет.

 

Видео на денот