Раката што дава не се суши

Габриел Гуалано де Годој, Претставник на УНХЦР во Северна Македонија

На 20 Јуни се одбележа Светскиот ден на бегалците, можност да се препознае храброста, издржливоста и истрајноста на милиони бегалци. Тоа е датумот на кој ја потенцираме нашата заложба да ги поддржуваме и вклучуваме луѓето кои се присилени да избегаат од своите домови заради конфликт, прогонување и прекршување на човековите права.

Речиси половина од мојот живот го посветив работејќи за Агенцијата на ОН за бегалци, во неколку држави, вклучувајќи во вонредниот одговор на кризата во Судан. На крајот на 2023г., 10,8 милиони Суданци останаа раселени.
Зад овој број се кријат човечки битија, како вас и како мене, за кои и со кои имам чест да работам. Но, за разлика од нас, луѓето кои јас ги поддржував да добијат привремено засолниште во далечен бегалски камп во Африка често не можат да ги споделат своите таленти и да отидат дома кај своите семејства по завршување на работниот ден.
Кога луѓето од мандатот на УНХЦР би живееле на истото место, тие би живееле во дванаесеттата по големина држава во светот. Денеска, повеќе од 120 милиони лица се присилно раселени во светот, а тоа е резултат на зголемен број на нови конфликти и на конфликти кои се менуваат, како и на неуспехот да се најде решение за продолжените кризи на разни континенти, вклучувајќи и во Европа.
Колку долго треба да чекаме за причините на присилното раселување да се искоренат, а условите за мир и еднаквост да станат приоритет? Во сегашноста, кога сме сè уште неспособни да го замислиме практичниот одговор и сме соочени со тешката реалност да мораме да одговараме на најголемиот хуманитарен предизвик од Втората Светска Војна навака, мораме да се потсетиме на нашата споделена хуманост. Секоја држава може да се повика да биде домаќин на баратели на азил на нејзината територија. Штом тоа се случи, треба да погледнеме кон минатото и да се потсетиме дека многу од нашите предци и најблиските и самите биле бегалци и тоа не толку одамна.
Барателите на азил и бегалците пристигнуваат во една држава носејќи го со себе товарот на проживеаните искуства, како и своите вештини и аспирации да изградат иднина во услови на безбедност и достоинство. Откако работев во Бразил, Костарика, Мексико, Доминиканската Република и Уганда, можам да посведочам колку присилно раселените луѓе претставуваат и додадена вредност за збогатување на заедниците-домаќини и локалната економија.
Тоа го забележувам и тука во Северна Македонија, која неодамна даде привремена заштита за 43 украински бегалци. Ги имам запознаено храбрите, бистри и талентирани луѓе и наша колективна должност е да осигураме дека нивните надежи не се изоставени или заборавени.
На 20 Јуни се одбележа Светскиот ден на бегалците, можност да се препознае храброста, издржливоста и истрајноста на милиони бегалци. Тоа е датумот на кој ја потенцираме нашата заложба да ги поддржуваме и вклучуваме луѓето кои се присилени да избегаат од своите домови заради конфликт, прогонување и прекршување на човековите права. Препознавањето и прифаќањето на бегалците не е само морален императив, но исто и меѓународна обврска според меѓународното право. Пред 30 години, Северна Македонија се приклучи кон Конвенцијата на ОН од 1951г. за статусот на бегалците. Овој договор ги поставува правните алатки за Владите да ги осигураат правото на азил и правата во азилот.
Обврската да го заштитиме животот и физичкиот интегритет на луѓето кои имаат потреба од меѓународна заштита, вклучувајќи го правото на бегалците да не бидат вратени назад во воена зона или место каде што нивниот живот е во опасност, е дел од принципите на Женевската конвенција од 1951г. и Универзалната декларација на човековите права, документ кој постои повеќе од 75 години. Сè додека не биде безбедно за бегалците да се вратат дома, постои одговорност да им се осигура безбедност, како и достоинствени услови за прием.
Тоа значи дека секој може и треба да игра катализирачка улога за да покажеме солидарност со бегалците: Владите, осигурувајќи се дека постои правичен и ефикасен систем за азил, а нивните политики за локална интеграција се отворени и инклузивни за бегалците и барателите на азил согласно меѓународните стандарди за заштита; приватниот сектор, нудејќи можности за вработување и обезбедување приход; образовните и високообразовните институции, нудејќи олеснет пристап до образовни можности; медиумите, раскажувајќи ги човечите приказни зад бројките и откривајќи ја нивната реалност и придонесот кон градовите и државите кои се нивни домаќини; граѓанското општество, залагајќи се за почитувањето на правата на бегалците; и граѓаните, правејќи гестови на солидарност со кои бегалците се добредојдени и вклучени во општествениот и културен живот.
Како хуманитарен работник, откако дојдов во Скопје, од моите соседи научив една македонска поговорка која ми срасна за срцето: „Раката што дава не се суши“.

(Авторот е претставник на УНХЦР во Северна Македонија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот