Рака на срце, ама упорен

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Џонсон почна со тоа дека ќе биде искрен и почна да образложува зошто за време на локдаунот со пандемијата со ковид-19, кога 20 месеци сите седевме дома и не можевме да се видиме ни со роднини ни со пријатели (зашто Борис така нареди) тој во неговите работни простории и во владата одржуваше забави и наздравуваше со, главно, алкохолни пијалаци.

 

Во тефтерчето, запишани беа  шест оправдувања.

  1. Не бев јас.
  2. Јас бев, ама друг беше виновен.
  3. Јас бев, ама не го знаев законот.
  4. Јас бев, ама и другите правеа така.
  5. Оние што ме испрашуваат ме малтретираат.
  6. Не го признавам процесот/судот/истрагата против мене.

Потшишан, среден, речиси да не го препознае човек (сè додека не почна да зборува), поранешниот премиер Борис Џонсон беше три и пол часа испрашуван од членовите на комисијата за привилегии на британскиот парламент за тоа дали го доведе во заблуда парламентот (ова по англиски) или, поточно, дали лажеше во врска со забавите, собиранките, дешавките во Даунинг стрит 10 за време на глобалната пандемија со ковид-19.

Неколкупати испрашувањето беше прекинувано за да можат членовите на комисијата, сосе Борис, да излезат и да одат во парламентот и да гласаат по одредени закони што беа на дневниот ред. Па се враќаа пак и продолжуваа да го држат, печат и вртат Џонсон на тивок оган. Тој почна со тоа дека, „рака на срце“, ќе биде искрен и почна да образложува зошто за време на локдаунот со пандемијата со ковид-19, кога речиси 20 месеци сите седевме дома и не можевме да се видиме ни со роднини ни со пријатели (зашто Борис така нареди) тој во неговите работни простории и во владата одржуваше забави и наздравуваше со, главно, алкохолни пијалаци.

Тактиката прво му беше „нападот е најдобра одбрана“, но откако виде дека тоа некако не минува ниту кај членовите од неговата, конзервативна партија, почна да ги употребува оправдувањата од тефтерчето. Најмногу се задржа на третото – дека не го знаел законот, кој, инаку, самиот го донесе, па потоа беше 2, па 3, па сврти накај 4 и  навлезе во толкувањето дали имало забрана за собирање или само препорака, дали се почитувале мерките за заштита и за растојание од два метри или од еден метар, па на крајот се обиде да се оправда дека не лажел кога кажал пред парламентот, туку бил уверен дека ја зборува вистината зашто прашал релевантни луѓе што така го советувале. Кој го советувал, беа упорни оние упорните од комисијата, дали тоа биле  државни службеници, експерти и адвокати вработени во владата? Не, ги прашал Џек и Џејмс, двајцата најблиски политички соработници, кои самиот ги беше бил назначил!

И така поранешниот премиер пак ни го збогати денот и направи да се зборува за него, обидувајќи се да објасни дека она што се случувало во Даунинг стрит 10 не биле забави. Што ме потсети на оној виц со ловецот, кој незаконски уловил срна, ја става на десното рамо и ја носи низ шумата. Го застанува шумарот и целиот згрозен му се развикува – па, што направи човеку, па како можеше така, па знаеш ли дека тоа е незаконски… Ловецот го гледа и му вели: чекај малку, што ти е, во што е проблемот? Па, си убил срна! Каде, прашува ловецот. Па тука во шумата, вели шумарот. Што зборуваш бе човеку, како така, ајде немој, јас сакам животни, прашај кого сакаш. Ајде да не се лажеме, му вели шумарот, срам да ти е, возрасен човек и лажеш! Ќе се вреѓаме ли сега, вели ловецот? Ама човеку, ене ти ја срната на рамо! На кое рамо, вели ловецот, вртејќи се лево, тука нема ништо. Ама на десното, на десното, очаен и крајно исцрпен пропетелчува шумарот. Ловецот конечно го погледнува левото рамо и – ЛЕЛЕЕЕЕЕЕЕЕ СРНААААА!

Ако во просторијата има 22 луѓе, ако сите се собрани со чаши алкохол во рацете, ако имало и мезе и грицки, ако имало шеги и муабети до рани утрински часови… ама не, тоа не биле забави, зашто немало музика рече Борис Џонсон!? ЛЕЛЕЕЕЕЕЕ БОРИСЕЕЕЕ! Во борбата за политичка кариера, сите средства се дозволени?

И стигна работата до точките 5 и 6 од тефтерчето. Неговите приврзаници веќе се огласија дека Џонсон бил малтретиран и комисијата била „кенгурски суд“, фраза што се користи тука за непријателски настроен збир испитувачи. Последиците се дека, ако го лажел парламентот, тој може да биде суспендиран. А, ако е суспендиран повеќе од 10 дена, ќе го загуби пратеничкото место. Одлуката ќе ја дознаеме наскоро.

Добар ден за закопување лоши вести? За да не биде „Ришигејт“? Мора токму тоа да го помисли премиерот Риши Сунак кога истиот ден реши да го исполни ветувањето и да ги даде на увид на јавноста даночните пресметки. Не оти не знаевме дека имаме богат премиер, ама сега имаме и фискални докази – Сунак во последните три години заработил 5 милиони фунти и платил данок од нешто над еден милион. Од платата како премиер, како министер, од камати на заштеди, од бизниси и од акции. Сето тоа е фино и убаво, фино е да се има богат, работлив и вреден премиер, кој знае како се прават пари. Она што изгледа, сега-засега, помина некако онака „под радарот“ е зошто неговата даночна стапка е 22%, што на толкава заработувачка е многу ниска. И дали милионерот премиер (со богатството на сопругата е милијардер) кој ги поштеди од даночни зголемувања најбогатите во земјата (!) и има толку многу други бизниси, знае како да се справи со сиромаштијата во земјата.

Ама, рака на срце, на крајот на денешниот ден кога дојде дома, ги соблече чевлите и ја олабави вратоврската, Сунак мораше да биде задоволен. Гласањето на договорот од Виндзор за Северна Ирска, кој многумина го нарекуваат и договор за брегзит (кој спомна брегзит?) во парламентот помина со 515 гласа „за“ и 29 „против“. Ова релативно ретко се случува – за него гласаа опозиционерите лабуристи, либерал-демократите и речиси сите ториевци. Освен, очекувано, унионистите од Северна Ирска, дваесетина конзервативни пратеници, двајца поранешни конзервативни премиери, Лиз Трас и, кој друг, ако не Борис Џонсон. Што не можеше, а да не ме потсети за карактеристиките на долгиот, упорен ковид. Постојано е тука некаде, нема мирис, изгубено е чувството за вкус, не се знае до кога ќе биде и кога и дали воопшто ќе го снема.

(Авторката е новинарка)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот