РАИЗ: Албанска мафија се обидела да шверцува кокаин од Венецуела во подморница

Заплена на кокаин / фото: МИА

Албанската мафија се обидела базата Порто Палермо, на југот на албанското крајбрежје, да ја стави во функција и со подморница да шверцува кокаин од Јужна Америка во Албанија.

Оваа „бомба” како што ја нарекуваат албанските медуми е пуштена во емисијата „Наркотика” на РАИ3 во која се истражува патот на дрогата кон Италија, а токму синоќешното трето продолжение е посветено на Албанија.

Во емисијата се наведува дека албанската мафија сега се занимава не само со трговија со канабис, туку и со тешки дроги, како што е кокаин, кои се носат од Колумбија во Албанија.

Италијанскиот обвинител во Албанија, Франческо Мандои, изјавил како една истрага започната со италијанските власти овозможила да се запленат 14 тони кокаин, набавени во Венецуела и кои требало да бидат транспортирани до базата Порто Палермо во Албанија, со подморница.

– Со нашата истрага успеавме да разбиеме организација што направила детален план да ја стави во функција базата за подморници Порто Палермо за да од Јужна Америка шверцува кокаин во Албанија, тврди Мандои.

Обвинителот од италијанскиот оддел за борба против мафијата, Никола Гратери пак во емисијата тврди дека една третина од територијата на Албанија е засадена со канабис.

– Само во една акција во водите на Отранто запленивме 9 тони канабис, вели Гратери.

Но, според него, албанските криминални групи станале многу помоќни па дури посочува дека „албанската е мафија на иднината”.

– Со канабис, Албанците носат кокаин во Италија. Тешките дроги Албанците сами ги носат од Јужна Америка. Предвидувам дека и во конфедерацијата на мафијата, како и во цела Европа, мафија на иднината ќе биде албанската, посочува обвинителот.

Тоа го заснова на високото ниво на корупција во земјата.

– Криминалните групи се толку моќни што со нивните пари му импонираат на правосудниот систем и исто така и на целиот европски пазар на кокаин, тврди тој.

Според албанските медиуми Албанија веќе е етикетирана од некои меѓународни медиуми како „наркодржава” во Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот