Радости и гадости

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Убаво е чувството на среќа, на заедништво, на гордост кога се вее нашето знаме. Затоа што ни е потребна радоста. Како лепче. Како вода. И затоа едно големо браво и благодарност за Дејан кој барем за ден-два ни подари убавина и нѐ натера да подзаборавиме на грижите што ни се секојдневие

Неколку дена се радуваме со сребрениот медал на Дејан Георгиевски што го освои на Олимписките игри во Токио во таеквондо. По дваесет години Македонија повторно се вброи меѓу земјите што на игрите освоија медал. Убаво е чувството на среќа, на заедништво, на гордост кога се вее нашето знаме. Затоа што ни е потребна радоста. Како лепче. Како вода. И затоа едно големо браво и благодарност за Дејан, кој барем за ден-два ни подари убавина и нѐ натера да подзаборавиме на грижите што ни се секојдневие.

Обично најголемите радости ни ги носат спортските успеси. На колективно ниво. Сакаме да навиваме, па да славиме и да се гордееме со нашите спортски херои. Да ги бодриме и кога губат и кога победуваат. Најчесто тоа се однесува на екипните спортови. Тука горе-долу сите имаме некакви познавања. Кој повеќе, кој помалку.

Но, олимпискиот успех на Дејан ни покажа дека со индивидуалните спортови, успесите и нивните достигнувања – слабо стоиме (се разбира, со исклучок на спортските експерти и на спортските новинари). За жал. За претходните успеси на Георгиевски поголемиот дел од јавноста дозна откако тој стана вицешампион во Токио. Слично е и за сите други вакви спортови. Зошто е тоа така треба да се запрашаат сите оние чија задача е да го промовираат спортот. Не само на вакви големи натпревари. А зошто да не биде секојдневно спортот тема на денот? Поттик за сите млади луѓе, за сите деца.

Кај нас, за жал, вечна тема на денот е политиката и – само таа. Сите ги знаат политичарите. Кој што рекол, кој што ветил, кој излажал, овој не го сакаме, оној ќе го казниме на избори и така. Коментари по социјалните мрежи, во секојдневниот живот, со тоа легнуваме и се будиме оптоварени со политиката за која сите станавме експерти и аналитичари (да не ги заборавиме и плукачите, мора да се спомнат).

Знаете ли дека постојат земји во светот во кои граѓаните не се навлечени на политика? И дека поим немаат кои се министри, ретко кој од нив знае и кој им е премиер, а за поситните политички риби ич муабет да не се прави. Тие се среќни луѓе. Луѓе што имаат исполнет живот, добра егзистенција, солидна работа. Кои не зависат од тоа дали нивните политички избраници ќе дојдат на власт. Го има тоа во некои убави, организирани држави, со ред и поредок, каде што се мисли на поединецот, на обичниот граѓанин. Каде децата од мали се насочуваат кон спорт и музика преку кои индивидуалните таленти се развиваат и се поддржуваат не само од родителите, туку и од државата. Има такви, да!

Дел од светот навистина живее и напредува, додека ние се занимаваме со куп глупости во секојдневниот живот – од гола живејачка, па до тоа дали сме чипирани или не. Пукна некој да нѐ чипира нас. Што ќе му е некому да знае што мислиме и што правиме? Е добро, пред избори битно е што мислиме и што ќе направиме, ама и нечипирани лесно се „читаме“. Доволно е да се отвори Фејсбук и од него да се истурат сите насобрани фрустрации, гадости, незадоволство, па дури и омраза  на граѓаните. Насочени кон секого и кон сите.

Патем, деновиве скопјани одново си спомнаа на катастрофалниот земјотрес, кој пред 58 години го разурна градот и со себе однесе над  илјада човечки животи. Страшната трагедија по која беше ветено дека „градот убав пак ќе никне“. И никна, и убав и модерен. Се градеше, се градеше и се гради и гради. Сега го чекаме денот кога некој ќе рече – во градот убав пак ќе се дише. Оти се задушивме од премногу градби!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот