Радев стана најсилното оружје во хибридната војна на Путин

Румен Радев/ Фото: МИА

Претседателот Румен Радев се претвора во најсилното оружје во хибридната војна на Путин во Бугарија. Тој се потврди како еден од малкуте европски лидери заштитници на проруските позиции, но, додека влијанието во ЕУ му е практично нула, неговите дејства дома стануваат сѐ понеодговорни и опасни, во услови кога војната е сосема блиску до Бугарија, пишува во анализа на „Медиапул“.

Тој активно работи на поделбата на бугарското општество по линијата на режимот на Путин и поттикнувањето на анти-НАТО расположение, на истиот начин на кој што дејствуваат и хибридните напади. Тие се обидуваат да создаваат и да го зголемуваат општествениот раздор во интерес на путиновата Русија, како што во моментов е обидот Европа да биде поделена и колеблива во помошта за Украина.
Во последната изјава дадена во Брисел, Радев најави блокирање на нова директна воена помош за Украина и бугарско вето во ЕУ.

Пораката од Радев е јасна:

„Западот не прави доволно за прекинување на војната, а санкциите против Русија се насочени и против Бугарија, поконкретно против нуклеарната централа ‘Козлодуј‘, која што веќе има штета од приклучувањето кон ЕУ со затворањето на четирите мали реактори“.

Неговите аргументи се на линија на една од точките на руската пропаганда и лесно можат да се демантираат. Но, тие успеваат да ја исполнат целта да предизвикаат сомнежи, д аги засилат позициите на антиевропските сили во Бугарија и да се спротивстават на прекинувањето на енергетската зависност од Русија. Истовремено, тие нанесуваат долгорочна штета на довербата на бугарските сојузници во ЕУ и НАТО кои што не дозволуваат Бугарија целосно да има корист од членството.

Мирот на Радев е победа на Путин

На почетокот на руската агресија Радев ја правдаше својата позиција за одбивањето да се испрати воена помош на Украина со тврдењето дека така Бугарија ќе биде вовлечена во војната. Според меѓународното право, поддршката на земјата што е жртва не може да се смета за вовлекување во конфликтот.

Позицијата на Радев целосно загуби легитимитет откако бугарскиот Парламент на крајот на минатата година конечно се приклучи кон партнерите од НАТО и ЕУ и со големо мнозинство гласаше да се испрати воена помош за Киев. Па така, радев реши да го освежи репертоарот и изнесе друг мотив – имал желба за се постигне мир.

„Ова е крвава војна, сѐ поретко слушаме гласови за мир, слушаме повици за победа, без некој да може да дефинира што значи победа“, изјави тој.

Победата всушност е многу јасно дефинирана од страна на Украина и сојузниците во ЕУ и НАТО – агресијата на Путин не треба да биде оставена без реакција и тој треба да се откаже од заземените територии, вклучително и Крим (кој што Радев го признава за руски).

Путин, исто така има разбирање за мирот и почетокот на преговорите. Според него, тие минуваат преку потврда на окупираните украински територии од почетокот на инвазијата.

Неговата теза е доразвиена од политикологот Александар Маринов, претседател на Стратешкиот совет во Претседателството.

„И до ден денес на многу места во светот има окупирани територии кои не се во надлежност за државите кои што ги окупирале, а кои не стојат толку лошо на светски план“, изјави Маринов за Нова ТВ.

Од друга страна, Радев од Брисел му порача на техничкиот владин кабинет да блокира нова директна воена помош за Украина, а тој веќе доволно се погрижи за тоа, обидувајќи се да ги префрли одлуките на парламентот, кој во меѓувреме беше распуштен.

Во моментов НАТО и ЕУ се согласни воената помош за Украина да продолжи во очекување на нова голема руска офанзива, вклучително и со тешка опрема. Според неофицијалните информации, и Бугарија води слични разговори, вклучително и со сојузници од НАТО, за можноста за добивање заменски капацитети. Но, тој процес јавно ќе биде блокиран.

Анализа на Никола Лалов, Медиапул.бг

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот