Радев смета дека односите меѓу Скопје и Софија мора да бидат ослободени од идеологиите на тоталитаризмот

Румен Радев и Стево Пендаровски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

За доброто на европската иднина на Северна Македонија неопходно е билатералните односи на земјата со Бугарија да бидат „ослободени од идеологиите на тоталитаризмот, што би помогнало за вистински и целосен дијалог“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев во врска со изјава на шефот на државата Стево Пендаровски во неделата на одбележувањето на депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот логор „Треблинка“ за време на Втората светска војна.

– Така ќе победиме сите. Според мене, интересот на претседателот на Република Северна Македонија за историјата е за пофалба, но тоа што ќе се каже треба да се заснова на историска вистина, а политичарите кај нашиот сосед се уште им ја должат на своите граѓани вистината за сопствената историја. Историја која со децении е обвиена со манипулации и фалсификати, рече Радев по церемонијата на доделување на „Годишните награди за одговорен бизнис 2022“ на Бугарскиот форум на бизнис лидери.

Претседателот Пендаровски во неделата во обраќањето пред Споменикот во Скопје на 7.144-те депортирани македонски Евреи, изјави дека за да има помирување, треба да има извинување за улогата на тогашната профашистичка влада во Софија за депортацијата.

– Обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу Холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт, праша Пендаровски.

Тој побара извинување од Бугарија за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.

– И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи, потенцира Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот