Радев: Петков да не отстапува на своја рака од ветото за С. Македонија, ќе има тешки последици

Фото: Радио Слободна Европа

Премиерот Кирил Петков ќе има „тешки последици“ доколку на своја рака го крене ветото за Македонија, се закани бугарскиот претседател Румен Радев пред посетата на Петков следната недела во Брисел. Народното собрание и Бугарите, вели тој, мора однапред и јасно да знаат за каква позиција во однос на Македонија ќе се залага премиерот.

Радев додаде дека „со горчина го следи распадот на бугарското Собрание“ и укажа дека Собранието „не е пазар“ – со тоа што едни купуваат пратеници, а други преговараат за враќање на стариот корупциски модел, и двете страни ја убиваат довербата и надежите на Бугарите.

Превирањата на бугарската политичка сцена и поддршката за Петков ќе бидат ставени на тест само еден ден пред самитот на ЕУ, на 22 јуни, кога на неговата влада ќе ѝ се гласа доверба. Предлогот го поднесе ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, со образложение дека владата остварила неуспех во финансиската и економската политика. За да го „преживее„ гласањето, на Петков му требаат гласовите од 121 пратеник.

Сметките покажуваат дека владата е можно да падне, но Слави Трифонов, неговиот досегашен коалициски партнер, а сега противник, продолжува да губи пратеници. Денеска си замина уште еден негов пратеник, шести по ред. Во моментов, како што стојат силите, за недоверба би гласале 125 пратеници од опозицијата, а 115 би му дале поддршка на Петков. Тој, пак, мисли дека сѐ уште има шанси да ја спаси владата. Во интервју изјави дека има најмалку 15 пратеници од „Има таков народ„ кои не се убедени дека треба да го следат Трифонов. Ќе им понуди места и на останатите пратеници на идните листи на неговата партија, но не гледа на тоа како на трговија.

Опозицијата вчера го разреши претседателот на парламентот Никола Минчев, што покажа дека Петков не може да биде сигурен во мнозинство за доверба на неговата влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот