Радев на состанок со шефовите на бугарските специјални служби заради „повреда на правата на Бугарите во Северна Македонија”

Румен Радев/ Фото: МИА

Бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со шефовите на бугарските специјални служби побара да се преземат навремени мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани надвор од Бугарија, кои се изложени на напади само поради нивната национална самосвест, јави дописникот на МИА од Софија.

На средбата, како што соопштија од кабинетот на Радев, присуствувала и заменичката на претседателот, Илијана Јотова.

Повод за средбата е писмото кое бугарскиот Кабинет на претседателот го добило од Културниот центар „Иван Михајлов” – Битола и од други граѓани на Северна Македонија кои се определуваат како локални Бугари и поради, како што се наведува во соопштението, зачестените појави на повреда на нивните права само поради фактот што се определуваат како етнички Бугари.

На средбата, се додава во соопштението, бил разгледан и случајот во Струмица, со нападнатите граѓани кои се определуваат како Бугари.

Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи на Софија, соопшти дека бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов и специјалниот претставник на Владата на Република Северна Македонија за Бугарија Владо Бучковски разговарале за актуелната соработка меѓу Софија и Скопје.

При разговорот најголем акцент бил ставен на врските во областа на медиумите, образованието, културата, здравствената заштита и инфраструктурните проекти.

Особено внимание било посветено на подготвеноста на двете земји за изградба на граничниот контролен пункт „Клепало” меѓу општините Струмјани и Берово.

Како што претходно јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот заменик-министер за регионален развој Деница Николова изјави дека Бугарија планира да бидат насочени околу девет милиони евра за изградба на граничниот премин „Клепало” меѓу Струмјани и Берово, што е назначен за стратешки проект на Софија и Скопје и оти со неговата изградба ќе се подобри поврзаноста меѓу двете држави и ќе се олесни трговијата и туризмот во двете насоки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот