Радев ќе ги впрегнува „сите европски механизми“ за да запре „антибугарската омраза и хистерија“

Фото: МИА

Бугарскиот претседател Румен Радев, по предлогот од вчерашната седница на македонскиот Совет за безбедност со кој на бугарски државјани би им бил забранет влезот во Македонија, изјави дека „ќе се активираат сите европски механизми“ за да се стави крај на, како што рече, „оваа антибугарска омраза и хистерија“.

„Сега разбирате зошто толку се борев правата на македонските Бугари да бидат заштитени во Уставот на Македонија и тоа да биде задолжителен услов за почеток на преговорите. Значи, Македонија не ги ни започна преговорите. Таа сѐ уште не ја отворила вратата од просторијата каде што се водат овие преговори. Очекувам институциите на Македонија да докажат не само дека не се дел од антибугарската кампања ова веќе не е доволно – крајно време е да докажат дека активно се борат против оваа кампања. Во нашиот случај, бидете сигурни дека ќе се активираат сите европски механизми за да престане оваа антибугарска омраза и хистерија“, рече Радев во одговор на новинарско прашање.

Во фокусот на вчерашната седница на Советот за безбедност, како што соопшти претседателот Стево Пендаровски, бил најновиот развој на настаните во односите со Бугарија. Предложено е до Владата да им се забрани влез во земјава на еден европратеник и неколку други лица. Според претседателот Пендаровски, постојат сомневања дека дел од тие лица се поврзани со руската разунавачка служба.

Шефот на државата рече дека се очекува на 4 февруари организирана група да пристигне во земјава на одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Групата ќе има за цел нарушување на безбедноста, со цел дестабилизација на земјата и на односите со Бугарија. Претседателот најави дека ќе бидат преземени сите потребни мерки за безбедност на групата – од границата, сѐ до гробот на Гоце Делчев во скопската црква Свети Спас.

Владата денеска на седница, во врска со одбележувањето на 4 февруари, Денот на раѓањето на Гоце Делчев, го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот, согласно препораките од надлежните служби соопштени на вчерашната седница на Советот за безбедност.

ВИДЕО | Пендаровски: Предложив да им се забрани влез во земјава на повеќе лица од Бугарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот