Радев: Европа нема своја визија за крај на војната во Украина
Европа нема своја визија за крај на војната во Украина, нагласи бугарскиот претседател Румен Радев кој утрово положи цвеќе на Споменикот на непознатиот војник во Софија по повод Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, заедно со потпретседателката Илијана Јотова, претседателката на Народното собрание Наталија Киселова и бугарскиот патријарх Даниил.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Среќен празник на сите Бугари! Денес им оддаваме почит на милионите луѓе, на нивната жртва, кои ставија крај на нацизмот и по цена на своите животи го овозможија обединувањето на Европа. Меѓу нив се илјадници Бугари кои загинаа во Втората светска војна. Денес им оддаваме почит и на сите малку преостанати живи бугарски ветерани кои се носители на сеќавањето на оваа најкрвава војна во историјата на човештвото. На 9 мај, Европа мора да се сети дека обединувањето и просперитетот станаа можни благодарение на здружувањето на напорите за искоренување на соперништвата, омразата и споровите што доведоа до Втората светска војна. Трагедијата на нашето време е што 80 години по завршувањето на оваа војна, меѓународните спорови повторно се решаваат со сила на оружје“, истакна бугарскиот претседател.
Тој ги нагласи и дилемите со кои се соочува Европа и неможноста да издејствува дипломатски мир во Украина туку уништувањето на земјата продолжува со уште поголем број жртви.
-Уште позагрижувачки е што Европа нема своја визија за крај на војната и воспоставување мир, туку продолжува да инвестира во кауза која, според мене, е осудена на пропаст со утописката надеж дека со истурање повеќе оружје, Украина ќе биде доведена во преговарачка позиција од позиција на сила, што го гледаме како се случува секој ден, токму спротивното – уште повеќе жртви, уште повеќе уништување, уште повеќе изгубени територии. Ова покренува многу прашања. Дали се оддалечуваме од оригиналниот, светол проект за Обединета Европа, кој се темелеше на мир? Дали е можна Европска Унија за војна и дали Европа се плаши од враќањето на мирот? Бидејќи враќањето на мирот значи и враќање на вниманието на јавноста кон кризите што тлеат во нашите земји и општества – рече Радев.


