Радев: Бугарија е подготвена да го зголеми извозот на струја во  РС Македонија

Румен Радев и Стево Пендаровски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Претседателот на Бугарија Румен Радев изјави дека Бугарија е главен извозник на електрична енергија во регионот и дека е подготвена да го зголеми својот извоз во Република Северна Македонија во согласност со правилата на европскиот енергетски пазар и бугарското законодавство и интересот на бугарските граѓани и бизниси.

Радев изјави дека заедно со претседателот Стево Пендаровски и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен разговарале за можностите ЕУ финансиски да ги поддржи можностите на Македонија, за да се избегне евентуална ликвидносна криза во зима во однос на снабдувањето со електрична енергија во земјава.

Бугарскиот претседател изрази надеж дека ќе има напредок во оваа насока, но тоа зависи од одлуката на европските институции, како и на Македонија да ги упатат соодветните барања, за што, вели, Бугарија веќе помага. Радев рече дека Бугарија веќе има формирано заедничка работна група со Македонија.

Преостанатите политички разговори меѓу двете земји, според Радев, се одвиваат во нормална атмосфера на меѓусебно почитување и пријателство.

– Многу е важно во Република Северна Македонија да се разбере дека спроведувањето на билатералните обврски треба да продолжи што е можно поскоро. Тоа е гаранцијата за забрзување на европската интеграција за Република Северна Македонија, рече Радев – рече претседателот на Бугарија.

Тој потсети дека вистинските преговори за нејзино членство согласно преговарачката рамка не се започнати, а ќе почнат, кога земјата ќе ги вклучи Бугарите во својот Устав.

– Треба да се решат сите прашања што се одложуваат долги години. Неизбежен е разговорот за заедничката историја со Република Северна Македонија. Очекувам државниците во нашата пријателска земја да покажат политичка мудрост и да ја градат европската иднина на Република Северна Македонија ослободена од идеологиите на минатото – вели Радев.

За време на престојот во Софија, вчера, по повод официјалното пуштање во комерцијална употреба на гасниот интерконектор Грција – Бугарија (ИГБ), Пендаровски имаше средби со претседателката на Еврокомисијата, Фон дер Лајен и со бугарскиот претседател Радев, на кои главни теми беа актуелната енергетска криза и очекувањата за помош од ЕУ во справувањето со неа. Во Бугарија денеска се оддржуваат нови предвремени парламентарни избори, четврти во последните две години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот