Работодавачите во шок: Нема помош за плати!

Фото: Архива на СП

Нема финансиска помош за исплата на плати за работодавачите, туку таа мерка ќе се замени со бескаматни кредити со грантова шема. Ова е дел од нацрт-верзијата за петтиот економски пакет што Владата им го презентираше на работодавачите и на синдикатите на денешната седница на Економско-социјалниот совет.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, по завршувањето на средбата, за „Слободен печат“ изјави дека за нив ова е огромно негативно изненадување, затоа што помошта за плати е најважната мерка.

– Сепак, како што истакна и вицепремиерот Битиќи, станува збор за драфт-верзија на петтиот пакет, па се надеваме дека ќе ги послушаат нашите аргументи и ќе направат нова математика – вели Димитров.

Димитров објасни дека место помош за плати, им се нуди бескаматен кредит со грејс-период од 12 месеци и со период на отплата од 3 години, со вклучена грантова шема, така што во зависност од исполнување одредени критериуми, компаниите ќе може да добијат грант, односно да не враќаат до 30 проценти од земениот кредит.

– Не е соодветно да се замени финансиската помош за плати од по 14.500 денари за кредит, па макар тој да е и без камата. Тоа е мерка која за нас беше најважна за опстанок на бизнисот и за задржување на вработените. Не држат аргументите на Владата дека тоа е многу скапа мерка. Таа треба само да се модифицира. Затоа, предлогот на Организацијата на работодавачи е финансиска помош на плати да не се дава на сите со намален приход, туку само на оние што се на принуден одмор затоа што немаат работа, на оние што работат помалку часови, односно да се субвенционираат нереализираните работни часови – вели Димитров.

Тој потенцира дека многу извозни компании, какви што се текстилните, а кои извезуваат во Германија, сега немаат никаква работа.

– Најголем дел од извозот оди во Германија, а таму сега е целосна блокада, што значи дека ниту може да се набави стока, ниту да се испорача производ, па голем дел од работниците се дома –вели Димитров.

Димитров објаснува и дека во трудоинтензивните гранки голем дел од трошоците се за плати и дека малите компании имаат мал капитал, несоодветен за земање поголем кредит за покривање на платите на работниците.

Со Економско-социјалниот совет претседаваше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, а учествуваа вицепремиерот Фатмир Битиќи и претставници на социјалните партнери, Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи.

„На денешната седница на Економско-социјалниот совет, преку широка дискусија неговите членови имаа можност да дадат предлози, сугестии и мислења, кои Владата би ги разгледала со цел поефективна распределба на помошта од државата кон оние на кои им е најпотребна“, информираа од Министерството за труд.

Оттаму потенцираа дека петтиот пакет економски мерки е насочен кон граѓаните, кон работниците односно стопанството и кон сиромашните. Угостителството, транспортот, туризмот, тутунарите, медиумите се во фокусот на петтиот пакет мерки, како директно најпогодени гранки, на кои помошта им е неопходна.

Минатата недела, пак, премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање, како една од мерките наменета за граѓаните го објави бришењето на каматите за долгови кон јавни институции и плаќање на основниот долг на 12 рати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот