Работодавачите кажуваат едно, статистиката друго: Има 8.484 слободни работни места, а 154.145 невработени

Активни баратели на работа кои редовно се пријавуваат се 107.558 луѓе во државата. Но, статистиката кажува дека 73.478 се без образование, со основно образование, или со непотполно средно образование
Според денешните податоци на Агенцијата за вработување има 8.484 слободни работни места, додека последната статистика покажува дека вкупниот број невработени заклучно со март е 154.145 невработени.
Ваквата статистика е спротивна на секојдневните жалби на работодавачите, кои велат дека не можат да најдат работници и инсистираат на олабавување на регулативата за увоз на работната сила. Во градежниот сектор веќе подолг период работат странци, особено од Турција, а првите работници од Индија дојдоа да работат во фарма од Свети Николе.
Работодавачите велат дека не е работата само да се најде работник, туку тој треба и да може да ги извршува работните задачи.
Статистиката на Агенцијата за вработување покажува дека од овие 154.145 невработени, 46.557 се водат како пасивни невработени, односно тие не се пријавуваат редовно туку само еднаш годишно, главно за здравствено осигурување.
Од Агенцијата за вработување велат дека не е познато колку всушност меѓу пасивните баратели на работа воопшто се во земјава и дека е потребно да се воспостави врска со граничните служби за евиденција на тие што долго се отсутни во земјата и кои влегуваат само повремено.
Активни баратели на работа што редовно се пријавуваат, се 107.558 луѓе во државата. Но, статистиката кажува дека 73.478 се без образование, со основно образование, или со непотполно средно образование кои се слабо конкурентни на пазарот на труд. Но, од друга страна, активно бараат работа и 583 магистри и 18 доктори на науки. Неповолна и старосната структура на барателите на работа, 41 процент од нив, односно 43.992 имаат над 50 години возраст.
Во однос на понудата на работните места, околу 27 проценти се во преработувачката индустрија, а зад неа е трговијата. Трет сектор што бара најмногу работници е во објекти за сместување и за сервисирање храна.