Работниците од Србија, Македонија и Албанија ќе можат да работат во сите три држави, без разлика каде живеат

Градежни работници / Фото: илустрација / „Слободен печат“ / - Драган Митрески

Работниците од Србија, Македонија и Албанија ќе добијат единствен број за идентификација и ќе можат лесно да се вработуваат во сите држави без разлика каде живеат- изјави српскиот министер за внатрешна и надворешна трговија во Владата на Србија, Томислав Момировиќ.

-Во Отворен Балкан  моментално сме фокусирани на пазарот на трудот и работиме на тоа да воспоставиме единствен идентификационен број во јули за сите луѓе на пазарот на трудот во земјите членки на оваа иницијатива. Ова ќе значи дека можат слободно да се вработат во која било од овие три земји- вели Момировиќ.

Говорејќи на конференцијата „Отворен Балкан Форум 2“ во организација на Либек, тој истакна дека се работи и на сообраќајната интеграција на Србија, Северна Македонија и Албанија, односно дека една ознака за електронска наплата функционира во овие три земји.

-Работиме и на воспоставување на посебна линија за комуникација за граѓаните од земјите членки на Отворен Балкан и дека како што има таква линија за граѓаните на ЕУ, има и за граѓаните на Отворен Балкан- рече Момировиќ.

Тој оцени дека економската интеграција на регионот е еден од приоритетите на неговата земја и дека е многу важна за компаниите, бидејќи, како што наведе, нема поширока економска интеграција додека не се интегрираат соседите. Според Момировиќ, откако се одолговлекува процесот на влез во Европската Унија, трите земји од Западен Балкан решиле да направат чекор напред и така се родил Отворен Балкан.

-Тоа е авангардна, оригинална иницијатива создадена на овие простори, придружена со многу пречки и сомнежи, но успеавме да укинеме голем број даноци и бариери и да ги забрзаме процесите на границите на три држави, што е особено важно за компаниите од прехранбената индустрија- рече Момировиќ.

Тој додаде дека Отворент Балкан е пред се идеја од економска природа, но дека ќе има и добри политички ефекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот