Кризата ги погоди младите- Од 8.421 новопријавени во АВРМ, 6.692 се на воздраст до 29 години

Во однос на возрасната структура од 8.421 невработени лица кои прв пат се пријавиле во евиденцијата на невработени лица, 6.692 невработени лица се на возраст до 29 години, 1033 невработени лица се на возраст од 30-49 години и 696 невработени лица се на возаст над 50 години.

Недостатокот на квалификувана работна сила се уште е проблем за работодавачите во Македонија. Од друга страна пак, непримамливите понуди и ниските плати се проблем за невработените.

 Во Агенцијата за вработување на Македонија до 30.09.2020 година евидентирани се 8.421 невработени лица, кои прв пат се пријавиле во евиденцијата на невработени лица во период после 11.03.2020 година, односно во периодот  на кризата предизвикана од COVID-19 вирусот.

Во однос на возрасната структура од 8.421 невработени лица кои прв пат се пријавиле во евиденцијата на невработени лица, 6.692 невработени лица се на возраст до 29 години, 1033 невработени лица се на возраст од 30-49 години и 696 невработени лица се на возаст над 50 години.

И покрај кризата која ја предизвика светската пандемија, не е лесно да се најде работник.

-Во зависност од степенот на потребно знаење, односно образование, а врз основа на огласите кои се активни во моментот,  работодавачите  огласиле најмногу слободни работни места за следните занимања: oпшт работник, продавач, хигиеничар на производствени – работни простории, хигиеничар на станбен и деловен простор, возач на товарно возило, возач на камион, возач на автобус, возач на такси , шивач, келнер, градежен работник, обезбедувач (заштита на имот и лица),  магационер, програмер, инженер по информациски технологии, систем оператор, администартивен службеник, администратор и др.Според претежната дејност на работодавачот, најголем број од објавените слободни работни места се кај работодавачи од преработувачка индустија, трговија на големо и трговија на мало и административни и помошни услужни дејности,  потоа од дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна, транспорт и складирање, градежништво, информации и комуникации, стручни, научни и технички дејности, како и во други дејности, велат од АВРМ.

Но, ако се погледнат огласите за работа, може да се забележи дека често за работен ангажман на доктори или инжинери се нудат минимални плати, што предизвикува револт кај граѓаните.

Оттука се наметнува прашањето дали во Македонија недостасуваат квалификувани работници или недостигаат квалификувани работници за мали плати?
Револтот од несоодветните огласи за работа и ниските плати што се нудат ја натерале Гордана од Скопје, мајка на тукушто дипломирана докторка, да се обрати до Слободен печат.
-Ќерка ми неодамна дипломираше на Медицинскиот факултет во Скопје, многу е амбициозна и трудољубива. Сака да специјализира, но ние сме семејства со просечни примања и не можеме да и овозможиме. Затоа таа реши сама да заработи па почна да бара работа, но се разочара кога на неколку места и беше понудена плата од 16 до 20 илјади денари. Неа и се потребни 8.000 евра за специјализацијата, а со таа плата ќе и требаат години за да ги обезбеди неопходните средства. Вака ли општеството им возвраќа на младите и посветени луѓе, со ниски и понижувачки примања, реагира Гордана.
Од друга страна работодавачите се правдаат за ниските плати кои ги нудат. 
На излозите во Скопје често може да се сретнат огласи на кои се наведува : „Се бара продавачка“, „Се бара мајстор“, „Се бара келнер“… Но, местата со недели стојат непополнети. Се отвора дилемата зошто невработените, првенствено младите, не сакаат да работат.

Сопственичка на бутик, која претрпе силни загуби поради пандемијата реагира дека младите и покрај тоа што немаат работа и трошат од ниските плати на родителите, сепак не сакаат да работат и бараат исклучиво високи позиции и функции, иако немаат доволно искуство.

Се согласувам дека платите во државава се ниски, и знам дека се недоволни за луксузен живот, но и ние газдите не можеме повеќе да исплатиме. Вработената која неколку години работеше кај мене си замина поради здравствени причини, и сега имам проблем да најдам нова. Нудам плата од 16.500 денари, но по направеното интервју кандидатките заминуваат незадоволни, вели Ружица од Скопје.

Од Стопанската комора неколкупати нагласуваат дека работодавачите треба континуирано да вложуваат во обуки на своите вработени и апелираат Министерството за образование заедно Агенцијата за вработување да продуцираат квалификувани стручни кадри.

Од ССК нагласија дека горлив проблем е и „одливот на мозоци“, кој дополнително може да акумулира загуби во економскиот сектор и предложија властите веднаш да започнат доквалификација на домашните работници, за во земјава да не останат само неквалификувани кадри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот