РАБОТИЛНИЦА „ДОМОТ Е НАШ 2“: Потребни се повеќе дружби и културни настани во студентскиот дом „Гоце Делчев“

Фото: Слободен печат

Во мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, денеска се одржа работилницата „Домот е наш 2“, каде присуствуваа студенти кои престојуваат во домот, но и други студенти и млади активисти од градот Скопје, кои заеднички, со помош на своите тутори, поделени во неколку групи, даваа идеи за реанимација на дворот на студентскиот дом.

Темата не беше ограничена само на правилно искористување на дворното место на „Гоце Делчев“, кој како што видовме денеска навистина е доста неискористен и нечист, туку се зборуваше и за сите други проблеми кои владеат внатре во студентскиот дом.

Настанот „Домот е наш 2“ всушност е втор ваков настан организиран од страна на МЕЛЕЕМ Скопје – Здружение за развој на урбана култура и актуелизација на простор кое се занимава со актуелизација на заборавени простори во градот од граѓаните и институциите, а кои имаат огромен потенцијал.

Како што видовме и слушнавме денеска, дворот во студентскиот дом навистина има потенцијал да се претвори во многу поатрактивно место, не само за студентите туку и за сите жители на општина Карпош и воопшто за цело Скопје.

Луѓето кои присуствуваа на денешната работилница, а за жал меѓу нив немаше многу студенти кои се дел од домот, имаа бројни идеи за тоа како да се искористи дворното место.

Најпрво сите се согласија дека недостасува повеќе зеленило и клупи, бидејќи како што велат тие, навечер ова место наликува на сцена од „хорор  филм“. Беа изнесени и предлози за тоа да се направат што е можно повеќе активности, во вид на драмски претстави или музички настапи, на кои можат да присуствуваат сите, а парите од партиципацијата за овие настани ќе бидат донирани за целосна реанимација на дворот.

Сепак, како што слушнавме и од самите организатори, овој настан не е наменет само за да се реши прашањето на дворното место во Гоце, за кое како што кажа Сара Симоска, една од организаторите на настанот, веќе бил поднесен и план за негово реновирање, од страна на директорот на студентскиот дом.

Присутните во работилницата зборуваа и за сите други проблеми со кои се среќаваат студентите, од тоа колку врски се потребни з да се влезе во домот, преку срамниот факт дека има и лица кои воопшто не плаќаат а ги уживаат сите бенефиции, до тоа дека во домот немаат никакви заеднички активности, а дружењата им се сведени на минимум.

Со текот на дискусијата, преку прашања и одговори на присутните поделени во групи,  најмногу се разви прашањето токму за недостигот на меѓусебната социјализација меѓу студентите кои живеат овде, а како најголем проблем се посочуваше недостигот на заеднички активности.

Поради целото ова, денеска беа изнесени идеи за заедничко гледање на спортски натпревари или на пример заедничко гледање на Евровизија и други настани со цел да се запознаат студентите подобро меѓусебно. Беше предложено и да постојат лица кои секој бруцош ќе го воведуваат во студентскиот дом, ќе го запознаат со сите простории во домот, со цел уште од прв ден да не се чувствува загубено.

Навистина беше и жално да се види како студенти кои по 2  или 3 години веќе простојуваат во домот, а дури денеска за првпат стапуваат во заедничка интерација.

– Целта е да не чекаме некој однадвор да дејствува. Ние мораме да ја разбудиме свеста кај студентите за тие сами да си ги решаваат внатрешните проблеми, а истовремено да влијаеме и на надворешните фактори да преземат нешто – вели Сара Симоска од МЕЛЕЕМ.

Според нејзините зборови, оваа иницијатива е само почеток, а допрва следува реализација на сите идеи кои денеска беа дадени.

За тоа како конкретно ќе се влијае врз надворешните фактори за реализација на некои проекти во домот кои студентите не се во можност сами да ги исполнат, организаторите на овој настан велат дека од целата оваа денешна работилница ќе му биде доставен видео материјал на директорот на студентскиот дом, кој ќе има прилика да ги слушне сите желби на лицата кои живеат во домот, но и надвор од него.

– Се надеваме дека ова е само почеток на иницијативата и очекуваме да има повеќе работилници во иднина, во кои студентите, не само преку идеи како денеска, туку и конкретно со дела ќе направат промени за подобар живот во студентскиот дом – заклучи Сара Симоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот