„Работа во недела” на седница на Уставен суд

Уставниот суд на денешната 38. седница ќе одлучува по Рефератот кој е подготвен по претходно поднесената иницијатива од страна на Стопанската комора на Северна Македонија, со која е оспорен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, којшто во својата содржина опфаќа „работа во недела”.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот закон e определено дека ден на неделен одмор е недела и притоа се дефинирани дејностите кои претставуваат исклучок од ова правило. Во иницијативата се наведува дека ден на неделен одмор може да биде било кој друг ден во неделата, дека е утврден и додаток на плата за работа во недела во износ од најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа и од тие причини е дозволена нееднаквост на граѓаните пред законите. Во иницијативата се содржани наводи дека со ова законско решение работодавачите од економските дејности на кои им се забранува работа во недела (неметалните минерални производи) и имаат еднаква правна положба од аспект да ги намируваат данокот и другите јавни давачки кон државата кои се утврдени со закон се ставени во нееднаква правна положба со работодавачите од економските дејности на кои им е дозволено да работат во недела, од аспект да остваруваат приходи и добивка. Подносителот смета дека е нарушено начелото на владеење на правото и дека оспорениот закон е во спротивност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 9 став 2 од Уставот.

Уставниот суд расправаше за овој случај на седница што се одржа на 14 септември годинава, но одлука не беше донесена поради недоволно мнозинство гласови.
На седницата, меѓу другото ќе бидат разгледани иницијативите поднесени за Законот за социјална заштита во одредбата за обезбедување на надоместок заради попреченост, за изборот за претседател на Собранието од 2 мај 2017 година, како и иницијативата поднесена од Светски македонски конгрес, а се однесува на оспорениот акт: „Прв заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за координација на политичките прашања на ресорите” во насловот на Глава II, членовите 5 и 6 од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија.
На дневен ред на денешната седница се осум предмети за оценување на уставност и законитост. Шест предмети, како што велат од Судот, се со исцрпена дискусија и се во фаза на гласање, бидејќи претходно не добиле мнозинство гласови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот