Путиновата „маскировка“ и реалната (не)моќ на руската воена машинерија

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Руската воена моќ е добра пропагандна алатка за внатрешна употреба и репресија врз прогресивната опозиција. Добар маркетиншки трик да се убедат дел од државите кои не се во најдобри односи со Западот, за да го купат руското оружје. И така во круг.

Путин постојано ѕвечка со оружје. Што значи неговата изјава дека на руското оружје му нема рамно во светот? Тоа е само уште една од многубројните изјави со кои Путин и другите политички експоненти на Русија во континуитет се фалат дека се воено најмоќни во светот. Пред крајот на минатата година, во своето обраќање до нацијата, тој изјави:

„Имаме ситуација што е единствена во модерната историја, кога тие се обидуваат да фатат чекор со нас. Ниедна држава нема суперсонично оружје, а уште помалку суперсонично оружје со интерконтинентален дострел.“

По повод денот на руските производители на руското оружје (19 септември), на седницата на комисијата за воена индустрија (18 септември), тој меѓу другото рече: „Според некои карактеристики, на нашето оружје му нема рамно во светот, тоа е апсолутно очигледно…“

Креирање митови

Путин, кој е обучуван и работел во злогласното КГБ, ни оддалеку не е наивен. Тој не сака да предизвика смеа и подбив во светот, па својата изјава внимателно ја дозира со зборовите „според некои карактеристики“. Како Путин, наспроти реалната (не)моќ на руската воена машинерија, успева да ги окупира светските наслови? Дали тоа е само „маскировка“? За неупатените, „маскировка“ е назив за руска воена доктрина, развиена во Советскиот Сојуз на почетокот на 20 век, која и во денешно време се употребува за политичка или воена измама, посебно насочена против западните демократии и земјите членки на НАТО. Таа се состои во креирање наративи, или подобро, митови како што е, на пример, „огромната моќ“ на руската воена машинерија.

Руската пропаганда, ако се анализира малку подобро, изобилува со наивни пропусти, но поради нејзиниот интензитет и слоевитост, тие „дупки“ во пропагандата се помалку видливи за пошироката јавност која веќе одамна некритички паѓа пред руската „маскировка“. Путин лично ја тестираше руската снајперска пушка „чукавин“ СВЧ-54 во септември 2018 година. Неговите пропагандисти на широко ја дистрибуираа таа снимка повторно деновиве, кога Путин ги обнови фалбите со руското оружје на светската сцена.

Вистината е дека руската воена моќ ни оддалеку не е толку голема колку што тоа сака да го прикаже Путиновата пропаганда. Според воените експерти, руското вооружување ни оддалеку не го надминува ни кинеското, а камоли американското. Тоа е неспоредливо помалку моќно од непрегледната моќ што ја има и секојдневно ја развива НАТО-алијансата. Ова го потврдуваат воени експерти дури и од Русија, по што, како што е „редот“, во оваа земја со која владее диктаторот Путин веќе 21 година, паѓаат во немилост од властите. Дел од руските експерти веќе одамна се заминати од земјата и од „демократска територија“ повремено ја затресуваат густата мрежа на руската пропаганда. За жал, до земји како Северна Македонија, недоволно допираат објективните информации за руската „маскировка“, особено кога станува збор за руската воена моќ.

Руската воена индустрија навистина успева повремено да направи одреден пробив во истражувањата и иновациите, со што без пречки и со право окупира дел од насловите во светските медиуми. Демократијата и слободата на медиумите во западните демократии се лесен плен за руската „маскировка“ и без проблем успеваат да бидат присутни редовно. Иновациите се вести за секој уредник, без оглед на тоа од каде доаѓаат информациите. И, сѐ би било в ред до тука, доколку зад тоа не се крие пропагандата.

Путиновата „маскировка“ води неуморна кампања да ја прикаже Русија како опасен и надмоќен противник против НАТО. Тоа има повеќекратна примена. Прво, заедно со тие „тези“ Русија предизвикува несигурност кај дел од јавноста во западните демократии и често успешно „шверцува“ други компоненти од својата хибридна војна – недоверба во институциите, поделби и омраза, страв, паника… Понатаму, руската воена моќ е добра пропагандна алатка за внатрешна употреба и репресија врз прогресивната опозиција. Исто така, тоа е добар маркетиншки трик, да се убедат дел од државите кои не се во најдобри односи со Западот, да го купат руското оружје. И така во круг.

Рускиот буџет на одбраната, според јавно достапните информации за 2019 година, изнесува 65,1 милијарди американски долари (нешто помалку од 55 милијарди евра). Се разбира, во земја во која владее диктаторски режим и во која се извршуваат свирепи атентати врз опозиционерите, не е исклучено воениот буџет да се „дополнува“ со непознати суми црни пари, но и тоа има свои граници. Како и да е, ако оперираме со јавните податоци, рускиот воен буџет е нешто поголем од оној на Саудиска Арабија (61,9 милијарди).

Листа на воени буџети

Листата со буџетите на одбраната за 2019 година почнува со САД, кои во 2019 година потрошиле фантастични 732 милијарди долари, односно околу 11 пати повеќе отколку Русија. На второ место по трошење за воени цели е Кина со 261 милијарди долари (што е речиси трипати помалку од САД, а 4 пати повеќе од Русија). Индија потрошила 71,1 милијарди долари, така што Русија е на четвртото место во светот според трошењето за воени цели. На листата, по Саудиска Арабија, следат Франција со 50,1 милијарди долари, Германија со 49,3, Велика Британија со 48,7, Јапонија со 47,6 и Јужна Кореја со 43,9 милијарди долари во буџетот на одбраната. Тоа се десетте држави кои најмногу потрошиле на одбраната во 2019 година. Пропорциите се исти или слични веќе со години наназад.

Има уште една интересна споредба. Во поглед на процентот од бруто-домашниот производ потрошен за одбраната, гледаме дека САД трошат дури и помалку од Русија. Така, американскиот буџет на одбраната во висина од 732 милијарди долари е 3,4 проценти од бруто-домашниот производ, додека, 65-те милијарди на Русија се 3,9 проценти од рускиот бруто-домашен производ. Богатството на државите си го прават своето.

Русија, колку и да сака, не може да постигне предност во развојот на оружјето во својата одбрана. Путиновата администрација е ставена пред сериозни предизвици да ги балансира своите реални можности и апетитите да се наметне како рамноправен партнер во светската поделба на влијанија. Затоа ѝ е потребна „маскировка“. На Русија ѝ е потребно креирањето на лажни наративи дека има најдобро оружје, бидејќи тоа реално не е точно, а воедно е и невозможно.

Што се однесува до технолошкиот пробив во усовршувањето на оружјето или креирањето нови софистицирани видови оружје и одбранбени системи, Русија има долга низа од неуспеси, а секако и неколку успешни потфати. Така, Русија може да се пофали со одредена предност во поглед на суперсоничното оружје, но затоа има големи проблеми со финансирање на неговото производство. Истите проблеми со финансирањето го придружуваат и производството на новите типови подморници, технолошки напредниот тенк Т-14 и борбениот авион со стелт-технологија Су-57, со кој руските воени инженери имаат повеќегодишни сериозни проблеми.

Русија, едноставно, дури и да има технолошки достигнувања, нема капацитет да ги димензионира (произведе) соодветно на апетитите за вистинска воена надмоќ во светот. Но затоа, недостатокот од реална моќ се надополнува со релативно успешната КГБ-овска доктрина „маскиро́вка“. Која, се разбира, има далеку поширока примена во политиката и во хибридната војна што ја води Путин против демократијата дома и во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот