Путин: Вистината е на наша страна, сите цели кои се зацртани ќе се постигнат
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека во вооружениот конфликт во Украина „ќе се постигнат сите поставени цели“.
– Вистината е на наша страна. Сите поставени цели ќе бидат постигнати, рече Путин во видеообраќањето по повод втората годишнина од руската анексија на четирите украински региони – пренесе Бета.
Тој му го честиташе на рускиот народ 30 септември – „Денот на обединување“ со украинските региони Луганск, Доњецк, Запорожје и Керсон.
Според рускиот претседател, тоа обединување било „судбоносен настан“, неопходен за заштита на жителите на овие рускојазични региони на Украина од „неонацистичката диктатура“ и „радикалниот национализам“.
– Ние не ги напуштивме нашите браќа и сестри“, рече Путин, бранејќи ја „неопходноста и легитимноста на руската специјална воена операција“, како што во Русија се смета нападот врз Украина на 24 февруари 2022 година.
„Денеска сите се бориме за безбедна и успешна иднина на нашите деца и нашите внуци“, додаде рускиот претседател.
На 30 септември 2022 година, Путин ја потпиша анексијата на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон.
Овие региони, кои се само делумно контролирани од Москва, гласаа за нивната верност кон Русија на референдум што не беше признат од Киев и меѓународната заедница.