Путин сè уште не испрати порака, но следи сè
Рускиот претседател Владимир Путин не испратил никаква порака до Володимир Зеленски преку германскиот канцелар Олаф Шолц, кој е во посета на Киев, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Москва нема очекувања од посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц на Киев, но ги следиме вестите на таа тема“, изјави Песков.
Тој додаде дека луѓето во Украина се сè понезадоволни од Зеленски, но и дека расположението во Европа се менува во однос на тој конфликт.
„Динамиката на фронтовите е јасна. Јасен е и заморот на Зеленски. Судејќи според информациите и статистиките, се зголемува бројот на луѓе кои повеќе не ја прифаќаат таа војна. Гледаме и дека расположението во европските земји се менува“, изјави портпаролот на Кремљ.
Коментирајќи ја изјавата на претседателката на Советот на федерацијата, Валентина Матвиенко, дека преговорите за украинскиот конфликт би можеле да се одржат следната година, Песков изјави дека главна работа за Русија е да ги обезбеди сопствените интереси и да ги постигне своите цели.
„Сè ќе зависи од развојот на настаните, но најважно ни е да ги постигнеме поставените цели. Продолжуваме со Специјалната воена операција. Состојбата на фронтовите е добро позната и во секој случај имаме намера да си обезбедиме интереси“, нагласи Песков.
Германскиот канцелар Олаф Шолц пристигна во посета на Киев каде што ќе се сретне со Володимир Зеленски, објави Ројтерс.
Шолц изјави дека на средбата со Зеленски ќе најави дополнителни испораки на оружје за Киев во вредност од 650 милиони евра, кое треба да биде испратено во декември.