Путин без да мрдне со прст ја доби североисточна Сирија

Сирискиот претседател Башар ал Асад, поддржан од Русија, во понеделникот ја постави војската на североистокот на Сирија каде се наоѓа курдската милиција, откако американските трупи се повлекоа од регионот кој го штитеа пет години.

Настаните започнаа претходно овој месец, кога американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече своите војници и практично дозволи турска офанзива во Сирија, за време на телефонски разговор со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган.

Со овој повик, завршена е американската борба против терористичката група Исламска држава (ИД) и против иранското и руското влијание во Сирија, поради што Техеран, Москва и Дамаск остварија голема победа, а само ги гледаа Американците како си заминуваат.

– Рускиот претседател Владимир Путин веројатно не може да поверува колку му се посреќи. Третина од Сирија беше ослободена од ИД, и нејзината безбедност беше добра без било какво учество на режимот или на Русија, а сега благодарение на турската инвазија и американското повлекување, ова подрачје е отворено за враќање под контрола на владата – изјави за „Бизнис инсајдер“ неименуван војник од коалицијата која се бореше против ИД.

Изворот додава дека тоа што требало да биде дипломатско комплексно прашање кое би ја вклучило американската и европската воена моќ, одеднаш станало многу едноставно.

Откако Сириските демократски сили (СДФ) сфатија дека САД нема да направат ништо за да ги заштитат од инвазијата на турската војска и сириските бунтовници долж границата со Турција, одлучија да се здружат со сириската влада на Башар ал Асад која е поддржана од Русија. Зад оваа одлука застана командантот на СДФ Мазлум Абди, кој рече дека немале друг избори во соочувањето со турската агресија.

– Знаеме дека ќе мораме да носиме болни компромиси со Москва и Асад, но ако мораме да бираме меѓу компромиси и геноцид над нашите луѓе, сигурно ќе го избереме животот – истакна Абди.

Сириската војска во неделата влезе на ова подрачје, движејќи се кон северната граница и во можен судир со турските сили, додека 1.000 американски специјални трупи планира брз излез од фронтот. Извори од сириската влада и СДФ потврдија дека сириските трупи ќе ја преземат контролата над градовите Манбиџ и Кобани, пред тие да бидат окупирани од Турците.

Најмалку еден дел од американските сили делуваше како да е затекнат во хаосот, додека турските сили ја преземале контрола над клучните патишта и населени места 30 километри долж границата на Турција и Сирија. Две американски претстражни постојки во западниот дел од регионот најверојатно се отсечени од патот со другите единици на САД, оставајќи 100 војници во привремена неможност да се движат.

– Американските патроли од Кобане се отсечени од источната половина на северна Сирија, каде очекуваме да излезат од Сирија и да влезат во северен Ирак. Не можеме да им помогнеме. Преговараме со Турците – рече командантот на СДФ во Кобане.

Сириските владини сили влегоа во територијата контролирана од Курдите без борба, што е голема победа не само за Асад, туку и за Путин и за Ирачаните, кои долго време бараа американско повлекување од стратешки многу важниот коридор кој го поврзува северот на Ирак со истокот на Сирија.

Без Американците на патот, делот од Сирија кој е под владина контрола најверојатно ќе се зголеми за третина, вклучувајќи ги клучните земјени транспортни линии и големите нафтени полиња околу Деир ал Зор.

– Путин продолжува да добива што и да посака и генерално не мора многу да делува. Тој сега може да чека и да гледа како Турците и Американците ги уништуваат успесите од изминатите пет години, а не само што тоа ништо не го чинеше, тој не мораше ниту посебно да се потруди за да дојде до оваа ситуација. Затоа, воопшто не зачудува што се „плеткаше“ во американските претседателски избори на страната на Трамп – смета неименуван претставник на НАТО за „Бизнис инсајдер“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот